X
 26.10.2025 Наука

Човечкиот ум не е создаден да биде буден по полноќ, предупредуваат научниците

Среде ноќ светот изгледа како темно место. Под покривката на темнината, негативните мисли лесно се провлекуваат низ умот, а додека лежите будни, зјапајќи во таванот, може да почнете да посакувате цигара или оброк богат со јаглехидрати.

Многу докази укажуваат дека човечкиот ум функционира поинаку ако е буден во текот на ноќта. По полноќ, негативните емоции имаат поголема моќ врз нас. 

Некои истражувачи сметаат дека нашиот циркаден ритам е клучен за овие критични промени во функционирањето, како што се наведува во труд од 2022 година кој покажува како мозочните системи функционираат кога ќе падне мрак.

Хипотезата наречена „Умот по полноќ“ вели дека човечкото тело и умот следат природен 24-часовен циклус на активност кој влијае врз нашите емоции и однесување. Со други зборови, во одредени часови ние чувствуваме и дејствуваме на определен начин. На пример, во текот на денот молекуларните нивоа и активноста на мозокот се приспособени на будност. Но, навечер, нашето вообичаено однесување е да спиеме.

Од еволутивна перспектива, ова има смисла. Луѓето многу подобро ловат и собираат ресурси во текот на денот, а ноќта, иако погодна за одмор, некогаш претставувала поголем ризик луѓето да станат плен.

Според истражувачите, за да се справиме со овој зголемен ризик, нашата внимателност кон негативни стимули е необично засилена навечер. Таму каде што некогаш ова ни помагало да реагираме на невидливи закани, сега нѐ прави склони кон ризично однесување. Недостигот на сонот само ја влошува оваа состојба на свест.

- Постојат милиони луѓе што се будни во текот на ноќта и постојат доста добри докази дека нивниот мозок не функционира толку добро како што функционира во текот на денот - вели неврологот Елизабет Клерман од Универзитетот „Харвард“.

Авторите на хипотезата користат два примери за илустрирање на својот став. Првиот е корисник на хероин кој успешно ги контролира своите желби преку ден, но попушта на нив навечер. Вториот е студент кој страда од несоница, и како што се насобираат будните ноќи, почнува да чувствува безнадежност, осаменост и очај.

Двете сценарија на крајот можат да бидат фатални. Самоубиството и самоповредувањето се многу почести навечер. Всушност, некои истражувања укажуваат на тројно поголем ризик од самоубиство помеѓу полноќ и 6:00 часот наутро во споредба со другите периоди од денот.

- Самоубиството се појавува како бегство од осаменост и болка, и пред да се разгледаат последиците, студентот има обезбедено средства и е подготвен да дејствува во време кога никој не е буден да го спречи - објаснуваат авторите на хипотезата „Умот по полноќ“.

Некои од овие однесувања може да се објаснат со дефицит на сон или заштитата што ја нуди темнината, но веројатно постојат и ноќни невролошки промени. Истражувачите сметаат дека е потребно понатамошно испитување на овие фактори за да се заштитат оние што се најпогодени од ноќна будност.

Авторите велат дека нема истражувања што ја испитале врската помеѓу недостигот на сон и циркадното време врз обработката на награди кај човекот. Како резултат на тоа, сè уште не знаеме како работат луѓето со поместени работни часови, како пилотите или лекарите, со нивниот необичен режим на спиење.

Извор: Science Alert 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука