X
 05.09.2025 Живот

Во КОЛОРС палетата на искуства: Универзитетска летна пракса 2025

„Во текот на месец август учествував на Универзитетската летна пракса на УКЛО во ЈКП Водовод и имав можност да работам во повеќе оддели – од благајна и наплатен оддел, до архива и сметководство. Искрено сум многу задоволна од ова искуство кое значително ми го збогати знаењето, практичните вештини и мојата кратка биографија. Сакам да изразам голема благодарност до организацијата, за поддршката и можноста за професионален развој“, споделува една од практикантките, Ангела Апостоловска, студентка од Економскиот факултет – Прилеп.



Практикантката Мила Вујасиновиќ, студентка на Правниот факултет – дисперзни студии Кичево при УКЛБ, ја реализираше својата летна пракса во Секторот за финансиски прашања – Одделение за администрирање на приходи и плаќање даноци. За своето исклучително искуство, вели дека имала можност да се запознае со повеќе административни и правни процеси и посочува дека токму интеракцијата со странки ѝ помогнала најмногу да ги разбере потребите на граѓаните, да помогне во решавање административни предизвици и да стекне драгоцено практично искуство кое ќе ѝ користи во идната професионална кариера.



Ова се само дел од лични приказни и впечатоци на студенти од УКЛО кои најдобро ја отсликуваат суштината на проектот „Универзитетска летна пракса 2025“, кој годинава по трет пат се реализира под покровителство на Центарот за кариера, алумни и доживотно учење – КРЕДО при УКЛО. Во програмата се вклучени 44 студенти од различни единици на Универзитетот, распоредени во три циклуси (јули, август и септември). Секој од нив реализира едномесечна пракса во институции од јавниот сектор – средина што нуди реални предизвици и можност за примена на академските знаења.



Оваа година покрај Општина Битола – која од самиот почеток е главен поддржувач и домаќин на најголем дел од практикантите – програмата се проширува и во Општина Прилеп, а во наредните фази ќе се приклучи и Охрид. Со тоа, УЛП добива регионален карактер и претставува модел на практична едукација преку партнерство со локалните самоуправи.

Проректорката за студентски прашања, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, истакнува дека оваа иницијатива е пример за успешно спојување на искуственото учење и професионалната подготовка – два клучни елементи на современото високо образование.

Во согласност со вредностите на КОЛОРС алијансата, студентите и оваа година покажуваат високо ниво на ангажман, одговорност и стремеж за личен и професионален развој – потврдувајќи ја својата улога како активни граѓани со европска ориентација. Завршницата на третото издание на Универзитетската летна пракса е предвидена на крајот од септември, непосредно пред почетокот на новата академска 2025/2026 година.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот