Од Факултетот за безбедност-Скопје стартуваше новиот циклус на промотивни инфо денови кои ќе се одвиваат во наредните неколку недели во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид и Велес посветени на програмата Еразмус плус на Универзитетот „Св.Климент Охридски„ -Битола. Тие се иницирааат и реализираат од страна на проректорот за студентски работи на УКЛО и институционален Еразмус координатор, проф. д-р Марјан Ѓуровски, со поддршка од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и стручните служби на Универзитетот.
Една од целите е создавање услови за поголема интернационализација на УКЛО и мобилност и размена со европските образовни програми и високо образовни институции.
Денеска на Факултетот за безбедност-Скопје во библиотеката на факултетот се одржа првиот „Инфо ден за мобилност на кадар и на студенти во рамките на програмата Еразмус плус (КА103)“. Обраќања на Еразмус промо активноста имаа проректорот за студентски работи, проф. д-р Марјан Ѓуровски и деканот на Факултетот за безбедност-Скопје, проф. д-р Никола Дујовски.
Во рамки на информативната кампања ќе се презентираат можностите на програмата и клучната акција од претставник од Канцеларијата на меѓународна соработка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, воедно ќе се пренесуваат искуствата на студенти од Факултетот за безбедност-Скопје и од партнерските факултети, кои моментално се или биле на мобилност. Инфо денот опфаќа и презентации и излагања од самите студенти кои учествувале во програмата надвор од земјата, како и странски студенти кои се дел од мобилноста на Универзитетот „Св.Климент Охридски„-Битола: Ненад Јурдана, Марија Ивановска, Миле Плачков, Илија Блажевски и Дора Варјачиќ.
“Еразмус плус“ е програма насочена кон зголемување на квалитетот и релевантноста на квалификациите и вештините. Програмата е отворена за студенти, професори, наставници, стажанти, волонтери, младински работници итн. Воедно, ги поддржува реформите во земјите учеснички за модернизирање на образованието и обуката, иновациите, вработливоста и претприемништвото. Од особено значење е употребата на информатичко комуникациските алатки, европските платформи за поддршка и вмрежувањето на корисниците.
УКЛО со Националната Агенција создава одлична подлога за имплементација на оваа европска образовна програма во Република Северна Македонија, преку мобилноста, и истакнување на европската димензија и меѓународната соработка.
Меѓу другото целта на промотивните инфо денови на УКЛО е заинтересираните професори и студенти во поголем број да се вклучат со креативни идеи и програми да аплицираат и да се вклучат во програмата “Еразмус плус“, со цел максимално да се искористат бројните можности кои таа им ги нуди на нашите граѓани, студенти, професори и други.
(Комерцијална објава)