X
 05.10.2018 Живот

Полесно до работа во Данска

Владата на Данска во средата ја претстави програмата чија цел е да им олесни на компаниите да вработуваат стручни работници од земјите надвор од ЕУ за да го реши проблемот со недостигот на работна сила.

Програмата се состои од 21 точка и ќе ги поедностави процедурите и ќе им го олесни на данските компании доведувањето и вработувањето работници од земјите што не се во ЕУ.

Оваа програма беше претставена по еден ден откако германските коалициони партнери се договорија да го олеснат доведувањето на работна сила надвор од ЕУ во Германија, на која ѝ недостигаат милион работници.

Очигледно Берлин ја отвори Пандорината кутија, па неговиот пример го следат и другите европски земји. Целта на овие мерки се работниците надвор од ЕУ, а тоа жестоко ќе ги погоди државите од Балканот бидејќи веќе се соочуваат со масовно заминување на населението.

danska
Фото: Michael Tapp


Данското министерство за труд соопшти дека недостигот на работна сила се заканува да го загрози економскиот раст на земјата. Клучот на данската влада е во приспособувањето на таканаречената „шема за плаќање“, одредба со која на компаниите им се овозможува да вработуваат луѓе надвор од ЕУ и ЕФТА (во кои членуваат Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн и Исланд) ако исплаќаат плати во одредена висина.

Пакетот мерки исто така предвидува проширување на таканаречената позитивна листа, односно листа со професии во кои недостигаат стручните работници во Данска. Квалификуваните работници во областите на листата ќе можат да добијат работна дозвола во Данска.

Предлогот на владата исто така предвидува поедноставување и забрзување на процесот на апликација за работа во Данска за граѓаните надвор од ЕУ.

- Мораме да им дадеме најдобри можности на нашите компании да привлечат квалификувани работници однадвор. Талентираните луѓе од странство се од голема корист за Данска и важен елемент за нашиот раст и развој - изјави данскиот министер за миграции и интеграции Ингер Стајберг.

Министерот за труд Троелс Лунд Поулсен рече дека програмата нема да резултира со загуба на работните места меѓу Данците.

- Во време кога нашиот пазар на труд е под притисок, треба да обезбедиме квалификувана работна сила за компаниите низ целата земја. Во спротивно би можеле да дојдеме до ситуација компаниите да мора да им кажат не на порачките, а во тој случај би дошло до губење на работните места - вели Поулсен.

Конфедерацијата на дански индустријалци, приватна организација со претставници од повеќе од 10.000 компании, го поздрави потегот на владата.

- Ова се работи што долго време ги баравме и сме среќни што владата ги вклучи нашите барања во својот предлог - изјави Линда Венделбое од оваа организација.

Германија предизвика лавина


Коалиционите партнери во Германија во вторникот се согласија во врска со новиот закон за имиграција за привлекување повеќе квалификувани работници од земјите што не се членки на ЕУ. Постигнат е договор за отстранување на тешкотиите на пазарот на трудот за сите граѓани на земји што не се членки на ЕУ и поседуваат квалификации и познавање на германскиот јазик.

Договорот предвидува дека владата повеќе нема да им дава приоритети во вработувањето на германските државјани во однос на странците, кои не се граѓани на земјите-членки на ЕУ, кога станува збор за пополнување на слободните работни места.

Странските дипломци и работници што се стручно обучени ќе имаат можност да одат во Германија на шест месеци и да побараат работа доколку исполнуваат одредени услови за работно место и услови за познавање на германскиот јазик.

Дали следуваат уште земји?

Со недостиг на работна сила се соочуваат државите низ цела Европа, не само оние развиените на Запад, туку и земјите во Централна Европа кои се соочуваат со рекордна вработеност.

На пример, во Чешка моментално недостигаат 300.000 работници, а слично е и во другите земји. Со недостиг на работници се соочува и Хрватска.

Бидејќи Германија и Данска започнаа со поедноставување на постапките за доведување работници надвор од ЕУ, нема сомневање дека и другите држави ќе треба да го направат истото за да останат конкурентни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот