X
 06.01.2024 Живот

Како бил убиен Распутин - личниот советник на руското семејство Романови?

Григориј Распутин, селскиот чудотворец кој го маѓепсал рускиот царски двор, загинал во 1916 година од рацете на неговите непријатели.

Мал број личности во руската историја се толку познати како мистикот од Тоболск, Сибир, чие име останува засекогаш поврзано со скандали. Тој бил наречен „секс машина“ и „љубовник“ на царицата Александра Федоровна.

Првиот опис е веројатно претеран, а вториот е едноставно неточен.

Мислењето на Русите за него, во тоа време и подоцна, варирало од „светец“ до „рептил“.

1
Фото: Wikipedia

По избувнувањето на војната во 1914 година настанала хистерија поради мрачните сили околу тронот. Царицата Александра, сопругата на царот Николај Втори, верувала дека Распутин поседувал мистична исцелителна моќ што можела да му помогне на нејзиниот син Алексеј, престолонаследникот, кој страдал од хемофилија.

Приврзаниците на рускиот сојуз со Франција, желни да ја видат Германија поразена, се сомневале дека Распутин ја поткопува руската надворешна политика.

На почетокот од 1914 година Распутин му рекол на еден италијански новинар: Со Божја помош, нема да има војна, а јас ќе дадам сѐ од себе во однос на ова прашање.

И понатаму е мистерија што се случувало во тие последни моменти од животот на Распутин.

Зошто отишол во палатата на кнезот Феликс Јусупов во Санкт Петербург?

Според двајцата убијци, кнезот Јусупов и Владимир Пуришкевич, член на парламентот, Јусупов го собрал Распутин ноќта на 30 декември 1916 година под изговор дека неговата сопруга Ирина сакала да се сретне со него. Но, Ирина всушност била отсутна. Јусупов тврдел дека го однел Распутин во подрумот, каде што му дал колачи во кои имало отров. Но, отровот не дејствувал и Распутин упорно барал да се сретне со Ирина.

Оваа верзија изгледа малку веројатна.

Политички интриги

Распутин не бил образован, но воопшто не бил наивен.

Семејството Јусупови било исклучително богато. Ирина била член на кралското семејство, така што тешко дека Распутин мислел дека таа би дозволила да биде толку лесно заведена.

Според ќерката на Распутин, Марија, рускиот министер за внатрешни работи Александар Протопопов го предупредил Распутин дека некои луѓе се подготвуваат да го убијат. Тој го советувал неколку дена да се држи подалеку од луѓето, но Распутин му рекол дека веќе е доцна.

2
Распутин и руското кралско семејство/Фото: Wikipedia

Затоа останува мистерија зошто го посетил семејството Јусупови.

Имало и шпекулации дека царицата Александра и Прототпов планирале да го распуштат парламентот, да воведат вонредна состојба и да се залагаат за мир.

Сосема е можно Јусупов да го намамил Распутин ветувајќи му средба со сојузниците на царот. Остатокот од сведочењето на убиецот за тоа што се случило звучи како сценарио од хорор-филм. Откако наводниот отров не дејствувал, Јусупов морал да пука во него, но Распутин повторно станал. Ниту ударите во слепоочницата не го запреле Распутин, кој го бркал Јусупов низ дворот. Тогаш наводно Пуришкевич испукал четири куршуми во грбот на Распутин, соборувајќи го на земја.

Но, што се случило со отровните колачиња?

Луѓето што добро го познавале Распутин велат дека тој секогаш одбивал да јаде благо, верувајќи дека негативно му влијаело врз неговата посебна исцелителна моќ.

Чуварите сослушани за убиството рекле дека слушнале четири истрели, испукани едноподруго. Патологот утврдил дека причината за смртта била прострелна рана во пределот на стомакот, која предизвикала обилно крвавење.

Не се удавил

Постојат спротивставени сведоштва за кошулата што ја носел Распутин. Голема е веројатноста да бил убиен пред да ја соблече бундата.

Убијците најверојатно го убиле веднаш штом влегол внатре, пукајќи од непосредна близина. Учествувале пет благородници, на чело со принцот Јусупов, иако некои шпекулираат дека е можно да учествувале повеќе луѓе.

Според друг мит, Распутин не умирал до тој степен што морале да го удават во ледена вода.

Но, во извештајот од обдукцијата јасно стои: „Не беа пронајдени докази за задушување. Распутин веќе бил мртов кога го фрлиле во вода“.

Јусупов отишол во егзил во Париз по болшевичката револуција во 1917 година и таму живеел осумдесет години. Пуришкевич бил уапсен во Петроград во 1918 година, а потоа ослободен по наредба на шефот на тајната полиција Феликс Џержински. Починал од тифус во 1920 година, за време на Граѓанската војна во Русија.

Поради насилството и хаосот за време на револуцијата и болшевичкиот терор, зборовите на Распутин звучат вистинито: „Без мене, сè ќе пропадне“.

Тој го предвидел и сопственото убиство во писмо до Николај Втори.

- Ако благородниците го направат ова, тоа ќе ја урне монархијата.

Во 1918 година комунистичките револуционери го убиле царското семејство.

Извор: BBC
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот