X
 06.02.2025 Наука

Еднаш уништи цивилизација: Дали вулканот на Санторини може повторно да еруптира?

Последните земјотреси на грчкиот остров Санторини предизвикаа загриженост кај научниците и жителите. Дали ова може да биде знак за претстојна вулканска ерупција?

Вулканот што остави трага во историјата


Санторини е остаток од древниот вулкан Тера (или Тира), кој еруптирал околу 1620 година пр.н.е. Тоа била една од најмоќните вулкански ерупции во познатата историја. Огромна експлозија уништила значителен дел од островот и создала голема калдера која денес е исполнета со море. Покрај тоа, огромни количества пепел биле исфрлени во атмосферата, а нивни траги се пронајдени дури и во мразот на Гренланд, што укажува на глобалниот ефект од настанот.

Но, она што ја прави оваа ерупција уште позначајна е тоа што таа, според некои научници, можеби била причина за пропаста на минојската цивилизација на Крит. По експлозијата, островот бил преплавен со вода, создавајќи препознатлив кружен залив кој денес е една од најголемите природни атракции во Грција.

Дали Санторини е повторно во опасност?

Санторини се наоѓа на Хеленскиот вулкански лак, регион што се формирал пред околу 2,5 милиони години како резултат на движењето на тектонските плочи. Оваа област сè уште е активна и има два главни вулкански центри - еден под самата калдера на Санторини, а вториот - подводниот вулкан Колумбо, кој се наоѓа на 7 километри североисточно од островот.

Сепак, експертите смируваат: иако во последно време има зачестени земјотреси, тие не се директно поврзани со вулканската активност.

- Тековната сеизмичка активност не потекнува од вулканските центри - објаснува д-р Димитрис Сакелариу од Грчкиот центар за истражување на морето.

Професорот Дејвид Пајл, водечки вулканолог од Универзитетот „Оксфорд“, нагласува дека нема знаци на активирање на вулканскиот систем на Санторини. Дури и за време на сеизмичката активност во 2011-2012 година, кога имаше зголемена вулканска активност, не дојде до ерупција. Во последните 300 години вулканските ерупции на овој остров биле со помал интензитет и не претставувале сериозна закана за населението.

Поголем ризик од земјотрес отколку од ерупција


Експертите предупредуваат дека поголема опасност претставува можноста од силен земјотрес, како оној во 1956 година со јачина од 7,7 степени, кој предизвика големи штети и предизвика цунами со бранови високи до 30 метри.

Сепак, дали сегашните земјотреси се најава за нешто поголемо, останува „прашање од милион евра“, како што вели д-р Сакелариу. Според него, постојат два сценарија:

Најверојатно, земјотресите ќе продолжат со помал интензитет во наредните денови, недели или месеци и постепено ќе исчезнат.

Помалку веројатно, но можно сценарио е дека земјотресите би можеле да кулминираат во силен земјотрес, по што активноста би почнала да се намалува.

Извор: ni1info.hr
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука