X
 30.09.2017 Наука

Дали вулканот на Бали претставува вистинска закана?

vulkan
Фото: Getty Images

Ако еруптира планината Агунг на Бали, тоа нема да биде драматичен бран на лава или пирокластичен проток за кој Австралијците ќе треба да бидат загрижени.

Надвор од евакуациската зона, вистинската опасност ќе биде облакот од вулкански пепел.

Експертите не можат да ја предвидат природата на вулканскиот пепел од планината Агунг повеќе отколку што можат да ни кажат кога вулканот ќе еруптира, и ако воопшто еруптира.

Но тие знаат дека вулканскиот пепел е опасен, а ако вулканот еруптира, неговиот облак од пепел може да влијае врз воздушниот сообраќај, да создаде здравствени проблеми зкај локалното население и туристите и да паѓа како снег.

„Надвор од областа на евакуација, вулканскиот пепел ќе биде главна опасност, така што луѓето треба да бидат подготвени“, вели вонредниот професор Хедер Хендлеј од Универзитетот „Макури“ во Сиднеј.

Таа вели дека вулканскиот пепел не е како мекиот пепел од огнот.

„Тоа е вулкански материјал што е помал од два милиметри и е составен од мали делови на остри честички од вулканско стакло“, додава д-р Хендлеј.

Кога се набљудуваат под микроскоп, честичките се остри поголем дел од времето.

„Исто така, можат да се најдат делчиња од минерали во нив, бидејќи постојат минерали во магмата, а има и парчиња од карпи. Сето ова ја формира пепелта. Опасноста од вулканскиот пепел се однесува на авионите и на луѓето што ќе го дишат“.

Вулканскиот пепел може да доведе до респираторни проблеми, иритација на очите и иритација на кожата, според Меѓународната мрежа за вулканска опасност.

Мрежата вели дека честичките од пепел човек може да ги вдиши длабоко во белите дробови, што може да доведе до непријатност во градите, да предизвика кашлање, болки во грлото и отежнато дишење.

Луѓето со респираторни проблеми, вклучувајќи ги и оние со астма, се сметаат за најизложени на ризик од респираторни ефекти од облакот на вулкански пепел.

Препораките од докторите се дека најдобро би било луѓето со астма што живеат на Бали да останат внатре ако забележат облак од пепел и да ги земат соодветните лекови.

Д-р Хендлеј вели дека не постои начин да се дознае каде би се проширил облакот од пепел.

„Зависи од насоката на ветерот за време на ерупцијата. Зависи од тоа каква е ерупцијата - дали излегува само лава или станува збор за голема ерупција со голем облак од пепел што може да достигне најмалку десет километри. Ветерот може да го однесе северозападно, како што беше случајот во 1963 година, или може да го одведе на друго место“, вели таа.

Емил Џенсонс, менаџер за авијациски услуги во Советодавниот центар за вулкански пепел, вели дека вулканскиот пепел што паднал на некои делови на Бали во 1963 година бил 20 сантиметри висок - доволно за да го спречи одвивањето на сообраќајот.

2
Фото: AFP

„Густината е слична како онаа на снегот. Може да се спореди со истурање песок над зградите. Ако има половина метар пепел, тогаш тоа е еквивалент на метар и пол снег“, вели тој, додавајќи дека зградите и инфраструктурата би можеле да бидат уништени со тежината на пепелта.

Дали пепелта може да собори авион?

Фрагментите од вулканот можат да бидат катастрофални за авионите.

„Бидејќи стаклените фрагменти се доста остри, тие можат да влезат во моторите на авионите. А кога се во моторите, бидејќи станува збор за делови од кара, може да започнат да се топат како што се вжештува, а со тоа постои ризик да се предизвика дефект на моторот“, вели д-р Хендлеј.

Џенсонс вели дека неговиот тим во Дарвин бил во постојан контакт со индонезиските власти и со авионската индустрија додека надгледувале за евентуална ерупција. Тој вели дека постојат силни системи што обезбедуваат авионите да не летаат во опасноста.

„Никогаш не постоел инцидент со вулкански пепел што предизвикал да се урне авион. Постои потенцијал да ги оштети моторите на авионот ако тој се најде на погрешно време на погрешно место, но затоа авиокомпаниите доста одговорно ги планираат летовите. Избегнуваат да летаат над врвовите на вулканите што би можеле да избијат, а земаат предвид и колку брзо се движи пепелот и на каде оди“, вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука