Дали некогаш сте се запрашале како изгледа највисоката зграда на светот, „Бурџ Халифа“, гледана од вселената? Иако ретко кој размислува за ова, астронаутот Дон Петит од НАСА го дава одговорот со неверојатна фотографија.
Во текот на неговиот престој на Меѓународната вселенска станица, тој успеа да го улови Дубаи во неговиот полн ноќен сјај, а „Бурџ Халифа“ блеска како скапоцен камен.
- „Бурџ Халифа“, највисоката зграда на светот, фотографирана од вселената - напиша Петит кога ја сподели оваа извонредна снимка. Ова не е првпат тој да сподели фотографии од Земјата направени од Меѓународната вселенска станица - неговите објави често ги оставаат луѓето без здив.
Доналд Р. Петит има богато искуство во астрономијата и истражувањето на вселената. Од 1984 до 1996 година работел како научник во националната лабораторија „Лос Аламос“ во Ново Мексико. Бил дел од претседателската комисија за враќање на Месечината и истражување на Марс, како и од тимот за редизајн на вселенската станица „Фридом“.
Првиот лет во вселената Петит го реализирал во 2003 година, а следниот во 2008. Во 2012 година беше лансиран кон Меѓународната вселенска станица со вселенското летало „Сојуз TMA-03M“ од Казахстан. Во 2024 година повторно замина во вселената со „Сојуз МС-26“, заедно со руските космонаути Алексеј Овчинин и Иван Вагнер.
„Бурџ Халифа“, со своите 828 метри, е највисоката зграда на планетата и е вистинско инженерско чудо. Изградбата траела шест години, а дизајнирана е од архитектонската фирма „Скидмор“ и „Овингс & Мерил“ од Чикаго. Денес, оваа култна градба во срцето на Дубаи служи како деловен, станбен и хотелски комплекс.
Извор:
Hindustantimes.com
Фото: Unsplash/magict1911, X/@astro_Pettit