X
 06.04.2020 Здравје

Луѓето со висока емоционална интелигенција заработуваат повеќе

Емоционалната интелигенција е способност што може да ни помогне на многу начини. Освен што го подобрува нашето ментално здравје, се чини дека таа е и тајната состојка во рецептот за добро лидерство и голема плата.

Даниел Голмен, еден од „кумовите“ на емоционалната интелигенција, долго сметал дека оваа способност е основна вештина на лидерите кога станува збор за личните врски. Во 1998 година тој напишал текст за „Харвард бизнис ривју“ во кој истакнал:

- Најефективните лидери си личат во една основна работа: сите имаат висок степен на она што сега се знае како емоционална интелигенција. Тоа не значи дека коефициентот на интелигенција и техничките вештини не се важни. Тие значат, но... тие се основни барања за извршните позиции. Моето истражување, заедно со други неодамнешни истражувања, јасно покажува дека емоционалната интелигенција е основа на лидерството. Без неа едно лице може да има најдобро тренирање во светот, аналитички мозок и бескрајно паметни идеи, но сепак нема да биде добар лидер - напишал Голмен.



Фото: Pixabay

Поголема плата

Според истражувањата, луѓето со високо ниво на емоционална интелигенција во САД заработуваат просечно 29.000 долари повеќе на годишно ниво од оние со помала емоционална интелигенција. Тревис Бредбери, еден од авторите на „Емоционална интелигенција 2.0“, спровел истражување во кое тестирал емоционална интелигенција на над 42.000 луѓе и ги споредил нивните резултати со нивните годишни примања.

- Патот до високата плата е поплочен со квалитетот на вашите односи со другите. Луѓето заработуваат повеќе како што ја развиваат емоционалната интелигенција - пишува Бредбери во неговиот извештај.

Како да ја зголемите емоционалната интелигенција?

Постојат повеќе стратегии, предлози и идеи на интернет за зголемување на емоционалната интелигенција. За да ги поедноставиме нештата, следуваат четири основни начини да го направите тоа:

Бидете посвесни за себе

Ова е првиот дел кога станува збор за емоционалната интелигенција. Станува збор за запознавање со сопствените чувства. Дали некогаш сте се прашувале зошто се чувствувате на одреден начин? Со зголемување на свеста за себеси разбирате зошто одредени ситуации ве прават тажни, среќни, лути или возбудени. Затоа, научете ги сопствените емоции бидејќи тоа ќе ви помогне во работата, особено при соработкатa со луѓе чии карактери се разликуваат од вашиот.


Фото: Pixabay

Научете да се контролирате

Еден лидер што има висока емоционална интелигенција може да ги пренасочи штетните чувства и импулси и не брза со заклучоци. Кога тимот ќе направи грешки, лидерот со висока емоционална интелигенција успева да се соземе и да не посочува кон некого за грешката. Тој ги разгледува сите можни опции за грешката и му ги објаснува последиците на својот тим, па заедно бараат решение.

Вежбајте емпатија

Добрите менаџери сакаат нивните вработени да се чувствуваат вредни. Покажувањето емпатија е еден од основните начини да се постигне тоа. За почеток, слушајте кога вработените ви зборуваат и обидете се да не ги осудувате. Потоа, обидете се да им служите на вработените за тие да се почувствуваат моќни. Така ќе имате повеќе можности да вежбате емпатија.

Бидете видливи за другите

Во текот на тешките периоди лидерите со високо ниво на емоционална интелигенција не се кријат или ги одбегнуваат своите обврски. Тие го предводат тимот споделувајќи планови за иднината и работат на решавање на проблемите додека ги смируваат другите. Вработените сакаат да работат со такви лидери. Затоа, да се биде видлив и присутен во сите важни моменти е од основно значење за лидерите.

Секако, сите луѓе не се создадени да ги имаат горните карактеристики природно. Но, тоа треба да биде предизвик за сите што сакаат да бидат добри лидери. Добрите лидери инвестираат во себе. Како што стануваат посвесни за себе, така и нивните примања растат и односите со вработените им се подобруваат.

Извор: Inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје