X
 06.05.2025 Наука

Јапонија тврди дека развила дрон кој ги пренасочува ударите од гром

Јапонскиот телекомуникациски гигант „Нипон телеграф енд телефон“ тврди дека развил дрон кој е способен да привлече и да преживее директен удар од гром, а да остане во воздухот.

Компанијата спровела успешен теренски тест на 13 декември 2024 година во планинското подрачје на јапонската префектура Шимане.

Како што се приближувала бурата, дронот се издигнал на висина од 300 метри, влечејќи жица која била поврзана со прекинувач на земјата.

Со активирање на прекинувачот, електричен бран поминал низ жицата и го заземјил дронот, засилувајќи го електричното поле околу него. Ова предизвикало директен удар од гром во дронот.

И покрај оштетувањето на надворешната заштитна обвивка, компанијата наведува дека дронот останал во воздухот.

За да се спречат внатрешни оштетувања од висок напон, уредот бил заштитен со метален Фарадеев кафез, кој ја спровел струјата околу дронот и го намалил електромагнетското влијание.

Во лабораториските испитувања, оваа заштита дозволила дронот да издржи удар од вештачки гром петпати посилен од природниот.

Иако технологијата сè уште не е рецензирана во научни списанија, компанијата наведува дека нејзината иновација потенцијално може да ја заштити инфраструктурата од идни оштетувања при бури.

Телекомуникацискиот гигант има цел да ги заштити градовите и луѓето од штета предизвикана од громови со дронови кои издржуваат директни удари, точно ги предвидуваат локациите подложни на громови, активно ги предизвикуваат ударите и безбедно ги пренасочуваат.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука