Дали некогаш сте се запрашале дали вашата мачка може да ве препознае во група луѓе? Ново истражување посочува дека мачките можат да го направат тоа, но можеби не на начинот на кој очекувате.
Претходни истражувања покажаа дека само 54 проценти од мачките би можеле да ги препознаат луѓето само по нивното лице. Па како тогаш вашата мачка знае дека тоа сте вие?
Во нова студија објавена во „ПЛОС Уан“ се наведува дека вашата мачка може да ве препознае по мирисот. Оваа карактеристика не беше проучувана порано и може да открие нов слој од длабочините на врските меѓу мачките и луѓето.
Мачките често ги бие лош глас дека не им е гајле за луѓето, но сè поголем број студии го докажуваат спротивното. Сега знаеме дека мачките можат да ги научат имињата што им ги даваме, создаваат сопствен стил на комуникација со луѓето што ги чуваат и повеќето мачки ќе изберат социјална интеракција со луѓе пред храна - избор што е мачен дури и за кучињата.
Благодарение на најновата студија, знаеме дека мачките можат да ги идентификуваат нивните сопственици по мирисот, нешто на што тие се потпираат и за идентификување на нивните социјални групи помеѓу мачките.
Студијата ја изготвиле Јутаро Мијаири и колегите од Универзитетот за земјоделство во Токио и за таа цел ја истражувале способноста на 30 мачки да направат разлика меѓу лицето што ги чува и непознато лице само врз основа на мирисот.
На мачките што биле вклучени во истражувањето им биле претставени пластични цевки со брисеви од под мишките, зад ушите и помеѓу ножните прсти или од човекот што ги чува или од човек што никогаш не го сретнале. За контрола, на мачките исто така им биле претставени празни пластични цевки.
Мачките поминале подолго време душкајќи ги примероците од непознатото лице во споредба со примероците од лицето што ги чува или празната цевка.
Пократкото душкање сугерира дека кога мачките наишле на мирисот од човекот што ги чува, тие брзо го препознале и продолжиле понатаму. Но, кога дошле до брисевите од напознатите лица, тие душкале подолго користејќи го нивното супериорно сетило за мирис за да соберат информации.
Резултатите од новата студија може да посочуваат дека и ние сме во социјалниот круг на нашите мачки.
Мозокот и носот
Во истражувањето била утврдена и тенденција мачките да душкаат познати мириси со левата ноздра, додека непознатите почесто ги душкале со десната. Но, по некое време, кога новиот мирис им станувал веќе познат, тие го префрлале душкањето од десната на левата ноздра.
Додека ова може да звучи како чуден пронајдок, тоа е шема што е забележана и кај кучињата. Моменталното истражување посочува дека преферирањето на одредена ноздра може да е знак дека мачките ги процесираат и класифицираат новите информации со користење на десната хемисфера од мозокот, додека левата хемисфера се вклучува кога е воспоставен рутински одговор.
Зошто мирисот?
Мачките се потпираат на мирисот за да соберат информации за она што ги опкружува и за да комуницираат.
Размената на мириси се користи како начин за препознавање на мачките во истиот социјален круг, одржување групна кохезија и идентификување непознати мачки или други животни што може да претставуваат закана или треба да се избегнуваат.
Познатите мириси може да се утешителни за мачките, намалувајќи ги стресот и анксиозноста и создавајќи чувство на сигурност во нивното опкружување.
Кога ќе се вратите од одмор, ако забележите дека вашата мачка се однесува како да сте странец, можеби е затоа што мирисате како странец. Истуширајте се користејќи ги вообичаените производи и облечете некоја облека што обично ја носите по дома. Познатите мириси би требало да ви помогнат да се вратите на старо.
И запомнете, ако вашата мачка минува подолго време душкајќи некое лице, не е затоа што го преферира, туку затоа што вашиот мирис ѝ е познат и бара помалку труд.
Вашиот мирис ѝ помага на вашата мачка да се чувствува дека е дома.
Автор: Џулија Хенинг, докторанд по однесување на мачки, Факултет за животински и ветеринарни науки, Универзитет во Аделаида
Извор:
Science Alert
Фотографии: Freepik