Пред речиси половина век Кина започна еден од најголемите еколошки подвизи во историјата на човештвото. Целта била да се запре ширењето на пустините и да се намалат разорните песочни бури што го погодувале северот на земјата. Денес, по милијарди засадени дрвја и илјадници километри зелени појаси, научниците откриваат дека овој мегапроект не го променил само пејзажот, туку и самата клима во Кина.
Пред речиси две години беше завршено засадувањето на последните садници на јужниот дел на пустината Такламакан, една од најголемите и најсурови пустини во светот. Со тоа беше затворен зелен појас долг повеќе од 3.000 километри, чија изградба траела дури 46 години. Тоа беше еден од клучните моменти на кинеската програма за борба против дезертификацијата, започната уште во 1978 година.
Иако проектот ќе трае до 2050 година, научниците предупредуваат дека огромните шуми што никнуваат таму каде што со векови ги немало доаѓаат со неочекувана цена.
Според истражување објавено во 2025 година, масовното пошумување почнало да го менува движењето на влагата и врнежите над Кина. Научници од неколку универзитети ги следеле промените на вегетацијата помеѓу 2001 и 2020 година и дошле до заклучок што се коси со широко прифатеното мислење дека повеќе дрвја автоматски значат и повеќе вода. Според нив, ефектите се многу покомплексни.
Од почетокот на проектот, Кина засадила околу 78 милијарди дрвја во северните и суви делови на земјата. Благодарение на тоа, шумската покриеност се зголемила од 10 проценти во средината на минатиот век на околу 25 отсто денес. Огромни површини што некогаш биле голи сега се покриени со зеленило, песочните бури се ослабени, а дините стабилизирани.
Но, дрвјата трошат огромни количини вода.
Преку процесот на испарување и транспирација, растенијата извлекуваат влага од почвата и ја враќаат во атмосферата. Кога тоа се случува во размери какви што има во Кина, последиците стануваат видливи и на регионално ниво. Истражувачите утврдиле дека влагата повеќе не останува во областите каде што се засадени шумите, туку воздушните струи ја пренесуваат кон Тибетска Висорамнина.
Со други зборови, делови од Северна и Источна Кина почнале да остануваат без вода токму поради масовното пошумување.
Најголем проблем е тоа што северот на Кина и онака се соочува со сериозен недостиг на вода. Во тој регион живее речиси половина од населението на земјата и се наоѓа повеќе од половина од обработливото земјиште, а располага со само една петтина од вкупните водни ресурси на државата.
Научниците предупредуваат дека садењето несоодветни видови дрвја дополнително ја влошува ситуацијата. Во меѓувреме, друг тим од истражувачи на почетокот на 2026 година објави ново истражување според кое пошумувањето на Такламакан сепак носи голема корист за планетата. Анализата на сателитски податоци покажала дека новиот зелен појас сега апсорбира повеќе јаглероден диоксид отколку што пустината природно испушта.
Така, Кина создаде необичен еколошки парадокс. Проектот успешно го запре ширењето на пустините, ги намали песочните бури и го зголеми врзувањето на јаглеродот, но истовремено почна да ја менува распределбата на водата над огромни делови од земјата.
Експертите предупредуваат дека идните фази на проектот повеќе не можат да се темелат само на бројот на засадени дрвја. Ако не се следи внимателно движењето на влагата низ атмосферата и количината вода што ја трошат новите шуми, постои опасност делови од Северна Кина, кои хранат стотици милиони луѓе, да станат уште посуви.
Извор:
Nova.rs
Фото: Screenshot/YouTube