X
 27.07.2017 Наука

„Човештвото може да изумре доколку продолжи овој опасен тренд“

Човечката раса би можела да изумре ако со сегашново темпо продолжи трендот на опаѓање на бројот на сперматозоидите кај мажите, пишува Би-би-си.

Научниците што ги споредувале резултатите на речиси 200 различни студии тврдат дека бројот на сперматозоидите во просек е преполовен во последните 40 години.

Некои експерти веќе изразија скепса кон ваквиот заклучок, објавен во научното списание Human Reproduction Update, но доктор Хагаи Левин, епидемиолог кој се наоѓа на чело на тимот што работел на оваа проблематика, истакнува дека е сериозно загрижен за судбината на човештвото.

Тој појаснува дека неговиот тим ги споредувал резултатите од 185 големи истражувања спроведени од 1973 до 2011 година.

„Ако не го промениме начинот на кој живееме, местото каде што живееме и хемикалиите на кои сме изложени, тогаш навистина сум загрижен за иднината на човештвото. Во еден момент би можеле да се соочиме со проблемот на репродукција, кој би можел да резултира во изумирање на човештвото“, недвосмислено истакнува Левин.

Други научници, пак, кои не се дел од неговиот тим, изразуваат високи оцени за квалитетот на неговата работа, но сепак сметаат дека е рано за такви ексклузивни заклучоци.

Левин, кој работи на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, потенцира дека кај мажите од Северна Америка, Европа, Австралија и Нов Зеланд е уочено намалување на густината на спермата за 52,4 проценти, додека бројот на сперматозоиди е намален за дури 59,3 проценти. Трендот и натаму опстојува, а возможно е дури и да се влошува.

Еден од најпознатите скептици на оваа тема, Ален Пејси од Универзитетот во Шефилд, за Би-би-си истакнува дека истражувањето на Левин е поинакво од сите претходни.

„Тој и неговиот тим отстранија многу недостатоци на претходните студии, но морам да истакнам дека не ги отстранија целосно, па така резултатите треба да се перципираат со голема доза на внимание. Сепак, нивните резултати претставуваат значителен исчекор во сите досега собрани податоци, па така наскоро би можеле подобро да разбереме за што всушност се работи“, истакна тој.

Ако бројот на сперматозоиди навистина така драстично опаѓа, причината за овој феномен сè уште не е позната. Некои го поврзуваат со изложеноста на хемикалии што се употребуваат во производството на пестициди, но и со прекумерната дебелина, пушењето, стресот, начинот на исхрана, па дури и со претераното гледање телевизија.

Доктор Левин смета дека итно треба да се открие причината за интензивниот тренд на опаѓање на бројот на сперматозоиди кај машката популација за да може да се спречи или да се забави.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука