X
 06.09.2019 Наша тема

Букирате сместување, садите дрво! Како во Македонија се засадени 500 стебла

Се отвора страницата „Treebanks“, кликате на логото нa Booking.com, кое ве пренасочува на таа веб-страница и го резервирате вашето сместување најнормално. Наредниот ден бројчаникот на дрвца што треба да се засадат оди нагоре. Со почнувањето на вашата резервација од Treebanks засадувате дрво, садницата е обезбеденa од процентот што Booking.com ѝ го дава на Treebanks заради филијалното партнерство. Важно е тоа што вас не ве чини ништо! – објаснува младиот инженер

Сакаме да засадиме милион дрвја во Македонија – ова е сонот на Михаил Стевчев, кој со својата апликација Treebanks во изминатата половина година веќе успеа да засади речиси 500 дрвца во земјава. На многу едноставен начин, на кој некој што решил да патува и да резервира билет преку booking.com, оваа апликација му овозможува да помогне во раззеленувањето на нашата земја.



Со младиот електроинженер од Радовиш разговаравме за идејата, но и за нејзиниот прием во земјава.

- „Treebanks“ се роди од неколку различни жили кои изртeа во различни периоди, а се споија во една пред неколку месеци. Во последниве неколку години многу претприемачи се обидуваат да најдат решение за глобалното затоплување. Подолг период со тимот на Treebanks размислувавме како да ги искомбинираме различните биографии во заедничкa идеја и да влијаеме против глобалното затоплување, т.е. за намалување на стакленичките гасови во атмосферата. На Soft-landing во Берлин (стартап-платформа, н.з), каде што учествував, се запознав со можноста за користење филијален маркетинг за поддршка на одредена социјална кауза. Оваа нова алатка беше пресудна за создавањето на Treebanks. Со помош на процентот од филијалниот маркетинг од туристички услуги обезбедуваме средства за садење дрвја - вели тој.

Идејата се реализира во последните шест месеци, а почна под мотото „Let’s fight CO2 together, let’s plant millions of tree”.
Михаил е многу позитивно изненаден од приемот на идејата кај Македонците. Вели дека тие се интересираат на кој начин можат да помогнат, како да учествуваат во акциите за садење, како функционира системот.
- Имам некое чувство дека фалат вакви позитивни новости со кои луѓето можат да се поистоветат. Од почетокот на летото досега имам 90 нови дрвја што треба да ги засадиме. Ваквите бројки соодветствуваат со нашите проекции што ги правевме пред почетокот на туристичката сезона. Сакаме „Treebanks“ да биде првото нешто на кое луѓето ќе помислат пред нивното следно патување. Наша цел е да достигнеме до 500 дрвја за садење месечно.


Михаил Стевчев

Начинот за обезбедување дрвце е едноставен.

- Се отвора страницата „Treebanks“, кликате на логото нa Booking.com, тоа ве пренасочува на веб-страницата Booking.com и го резервирате вашето сместување најнормално. Наредниот ден бројчаникот на дрвца што треба да се засадат оди нагоре. Со почнувањето на вашата резервација од Treebanks засадувате дрво, садницата е обезбеденa од процентот што Booking.com ѝ го дава на Treebanks заради филијалното партнерство. Важно е тоа што вас не ве чини ништо! – објаснува Стевчев.
Преку Treebanks досега се засадени 473 дрвја, 73 се донирани во ЗОО Скопје, 400 на претходно опожарена локација во радовишкото село Подареш. Локацијата и видот на дрвја за првата акција за пошумување биле одбрани во координација со Македонски шуми - Радовиш.


Како функционира Treebanks

Од првата акција досега имаат уште 90 дрвца што планираат да ги засадат во Охрид на крајот од кампањата „Резервирај преку Treebanks и добиј викенд за двајца во Su Hotel Ohrid”. Секоја акција за садење е документирана преку блог-пост, a прогресот може да се следи на веб-страницата Treebanks.

Од Treebanks нагласуваат дека се отворени за соработка за изборот на локации за пошумување, организации кои работат со пошумување. Досега немаат соработка со некоја високообразовна институција.
- За наредниот период имаме закажани неформални средби со професори на Шумарски факултет. Наша цел е да најдеме начин како да соработуваме на различни полиња. Некои од прашањата што сакаме да ги адресираме се изработка на прирачник за правилно садење дрвја, листа со автохтони и адаптирани дрвја за Македонија, можност за изработка на стратегии за пошумување на региони со деградирана шума - објаснува Стевчев.



Апликациите од ваков тип не се нови во светот. Веќе постои апликација, на пример, за садење дрвја со распрскување  семки од авион или садење дрвја со помош на дронови, до апликации како пребарувачот Ecosia што за секое пребарување засадува дрво, објаснува Михаил.
Веќе имаат идеја и како да ја развиваат апликацијата, односно преку купување маичка да се обезбедат дополнителни средства за садење дрвја.

- Во тек е и развојот на концепт за партнерства со компании што често резервираат службени патувања. Со партнерство со Treebanks, секој партнер добива можност да придонесе во борбата против глобалното затоплување. Секоја компанија би имала посебен бројач на засадени дрвја, количината на кислород што ја имаат произведено дрвјата. На еден начин да се пофалат со тоа што го имаат постигнато досега. Ваквото партнерство им нуди на компаниите бесплатно да бидат социјално одговорни и да го намалат сопствениот CO2-oтпечаток. Ова не значи дека тие треба да завршат тука со нивната социјална одговорност – посочува инженерот.

Во последните седум години тој работи како iОS Developer, работел на различни проекти од VoIP апликации, социјални мрежи до едноставни мобилни апликации за фестивали. Последниот проект на кој работи е мобилна апликација која треба да овозможи пристап до скијачки терени без „физичка“ проверка на карти.
- Имам учествувано во неколку македонски приказни. Се приклучив на TweetsPie со изработка нa iОS верзијата од апликацијата, своевремено TweetsPie стигна до LifeHacker и TheNextWeb. Имам опен сорс верзија од Православен календар за iOS што сè уште го одржувам. Од 2017 до 2018 бев дел од платформата WhenInX за секундарни туристички услуги со која имав можност да учествувам на Madeira Startup Retreat програмата за акцелерација, ова учество ми го смени погледот на тоа како една компанија треба да се развива - вели тој.



Признава дека неговите студии му се столб и желба за освојување нови хоризонти. Вели дека одлуката за избор на професија и студии е интимна работа.
- Од досегашниот контакт со матуранти можам да кажам дека двоумењето доаѓа од сериозноста на донесувањето одлука и сносување на последиците од одлуката. Едноставно, изборот на студии е првата сериозна одлука во нивниот живот за која треба самостојно да одлучат. Тоа што можам да го препорачам е - бидете желни за знаење, на крај памет нема да ви падне каде сѐ може да ви се најде одредено знаење. Секогаш можете да го промените првичниот избор на студии. Што и да одлучите да студирате, трудете се да бидете во првите 10% најдобри - вели Михаил.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема