X
 06.09.2025 Живот

Ова се најдостапните и најскапите земји во светот во моментов за иселеници

Со растот на трошоците за живот и со глобалната економска неизвесност, дел од иселениците откриваат дека преселбата во странство може да биде поповолна за нивниот буџет.

Веќе петта година по ред Виетнам е најдостапната земја во светот за иселениците, заземајќи го првото место од 46 дестинации во категоријата лични финансии, според истражувањето на „Експат инсајдер 2025“ на организацијата „Интернејшнс“, онлајн платформа и глобална заедница за иселеници.

Истражувањето, кое се спроведува секоја година од 2014, собра податоци од повеќе од 10.000 иселеници кои претставуваат 172 националности и живеат во земји и територии низ целиот свет.

Во рамките на индексот за лични финансии, учесниците го оценувале своето задоволство од финансиската состојба, општите трошоци за живот и дали расположливиот приход на домаќинството им овозможува удобен живот во земјата во која престојуваат.

10 најдостапни дестинации за иселеници


Виетнам
Колумбија
Панама
Кина
Тајланд
Индонезија
Филипини
Мексико
Малезија
Бразил

Азија доминира на листата кога станува збор за личните финансии на иселениците со оглед на тоа што пет од првите десет земји се од Југоисточна Азија: Виетнам, Тајланд, Индонезија, Филипини и Малезија.

- Во споредба со 2024 година, девет од земјите во првите десет ја задржаа својата позиција. Единствено Малезија (9. место) е нова на листата, искачувајќи се од 11. место - е наведено во извештајот. Забележливо е и дека нема ниту една европска земја меѓу најдостапните.

Во Виетнам, 89 отсто од испитаниците се задоволни од општите трошоци за живот, а 87 отсто рекле дека расположливиот приход им овозможува удобен живот во споредба со глобалниот просек од 40 и 69 отсто, пишува во извештајот.

Оваа финансиска предност може да објасни и зошто дел од иселениците избираат да останат - 54 отсто живеат во земјата пет или повеќе години, а 30 отсто сакаат да останат засекогаш, покажуваат податоците. Колумбија и Панама се на второто и третото место.

Во Колумбија најголем дел од испитаниците (92 отсто) рекле дека нивниот приход им овозможува удобен живот. Дополнително, ниту еден иселеник таму не ги навел трошоците за живот како главна грижа пред преселбата, што е значајна разлика во однос на глобалниот просек од 21 отсто.

Панама е особено популарна меѓу пензионерите - 35 отсто од иселениците таму се веќе во пензија, наспроти само 11 отсто глобално, покажуваат резултатите.

10 најскапи земји за иселеници


Норвешка
Австралија
Ирска
Јужна Кореја
Сингапур
Катар
Турција
Финска
Обединето Кралство
Канада (најскапа)

Канада и Обединетото Кралство се на дното на листата според личните финансии бидејќи 62, односно 61 отсто од испитаниците се незадоволни од трошоците за живот во споредба со глобалниот просек од 40 отсто, покажува истражувањето.

Извор: bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот