X
 06.12.2018 Живот

Дарко Крстевски од Sport Vision – не чекајте ја совршената работна позиција, собирајте што повеќе искуства

Се развивав себеси со истото темпо на развивање на компанијата во Македонија. Почнав како продавач, позиција која траеше кратко, па раководител на малопродажен објект, потоа во менаџмент-тимот на позиции регионален менаџер и бренд-менаџер, а веќе три години сум раководител на маркетинг-секторот

Собирајте што повеќе искуства, од секоја работна задача, нова работна позиција, истражувајте и „будни“ влегувајте во секој нов предизвик. Гледајте ја „широката слика“, вели Дарко Крстевски, раководител на секторот на маркетинг во Sport Vision. Пред шест години почнал да работи како продавач во оваа компанија, а денес раководи со еден од најважните сектори.

Вашите почетоци во компанијата Sport Vision се многу интересни. Почнавте како продавач во една од продавниците, а се искачивте до директорска позиција на која сте денес. Кој е рецептот за успех во една ваква компанија?

- Рецептот за успех е секоја една обврска во синџирот на процесот да биде беспрекорно завршена или што би значело 100 отсто вложување. Желбата за нови искуства, знаења, нови предизвици и секако упорноста ќе ја одиграат улогата за тоа каде ќе бидеме во иднина.

Колку време сте дел од тимот на Sport Vision и кои работи ги научивте работејќи во оваа компанија?

- Во тимот на Sport Vision сум повеќе од 6 години, вклучувајќи неколку работни позиции. Се развивав себеси со истото темпо на развивање на компанијата во Македонија. Почнав како продавач, позиција која траеше кратко, па раководител на малопродажен објект, потоа во менаџмент-тимот на позиции регионален менаџер и бренд-менаџер, а веќе три години сум раководител на маркетинг-секторот. Воедно раководев и имплементирав многу проекти, а како најважна можам да ја издвојам онлајн-продавницата, за која можеме да се пофалиме дека е еднa од најдобрите онлајн-продавници во Македонија.

Дарко Крстевски

Колку македонските компании обрнуваат внимание на маркетингот и издвојуваат пари за него, имајќи ја предвид економската ситуација во земјава, но и знаејќи го неговото големо значење за успешноста на секоја компанија?

- Ме радува фактот што во последните неколку години сѐ повеќе се обрнува внимание на маркетингот во компаниите и полека гледам дека сѐ повеќе компании ги следат светските трендови. Сѐ уште треба да се работи на промена на перцепцијата од тоа дека маркетингот не е трошок, туку е инвестиција, но мислам дека работите се движат во позитивен правец. Морам да истакнам дека моите идеи за каде и како да се движи маркетингот во нашата компанија беа добро прифаќани од страна на генералните менаџери и сопствениците, во однос на распределувањето на буџетите, oсобено за развивање на маркетингот во социјалните медиуми (Фејсбук и Инстаграм) и Гугл.

Големите светски спортски брендови издвојуваат милионски суми кога станува збор за промовирање на нивните производи и на самиот бренд. До кое ниво се стигнати спортските брендови во Македонија во овој поглед?

- Со доаѓањето на Sport Vision на пазарот во Македонија, пред околу 6 години, освен што го „размрдавме“ ценовниот дел, соодветната промена на колекции, доста се посветивме и на бренд-кампањите, т.е. промоцијата на специфичните колекции и производи од познатите светски брендови Nike, Аdidas, Reebok, Under Armour. Според сугестиите и во соработка со брендови, направивме многу бренд-кампањи и промоции кои беа согласно големите светски промоции во Њујорк, Токио или некои од европските метрополи.
Секако, не треба да го запоставиме фактот дека сето она што го правиме соодветствува со можностите на пазарот во Македонија и буџетите што се во согласност со брендовите.

Искуството од последните неколку години покажува дека понекогаш ни милионските телевизиски реклами не се толку моќни колку што се објавите по социјалните медиуми. Во колкава мера ја користите моќта на социјалните медиуми и какво е нивното влијание кај нас во промовирањето на брендовите?

- Првите мои одлуки и дел од мојата стратегија е максимално искористување на моќта на социјалните медиуми. Пред пет години ние бевме меѓу ретките компании што имаа силна промоција на Фејсбук и Инстаграм. Освен тоа, добро се позициониравме и со огласувањето на веб-порталите во Македонија. Од денешна дистанца гледаме дека стратегијата за одвојување добар дел од буџетот за тоа беше правилна. Сега веќе не се замислува бизнис без силна промоција на социјалните медиуми. Во последните пет години порастот во распределбата на социјалните медиуми во однос со останатите канали на огласување, особено со телевизијата, е реалност, и според последните истражувања на Соединетите Американски Држави во 2017/18 година, процентот во буџетите одвоени за дигитално огласување на компаниите го надмина делот што се одвојува за телевизиско рекламирање. Мое мислење е дека сè помалку ќе се користат традиционалните медиуми, како телевизијата, радиото, печатените материјалите, а ќе расте трендот на дигитализација, односно во пораст ќе бидат социјалните медиуми, „Гугл“, а особено внимание ќе се обрне на content и видеомаркетингот.



Sport Vision има голем број продавници низ земјава, но истовремено е лидер во продажбата преку интернет. Што покажуваат бројките во делот на онлајн-продажба, се менуваат ли навиките на македонските граѓани во врска со купувањето преку интернет?

- Како што веќе напоменав, Sport Vision е лидер и во онлајн-продажбата во Македонија. Од година на година сѐ повеќе македонски граѓани се одлучуваат да купуваат преку интернет. Брзото темпо на живот, рационализирањето на времето и новите технологии ја прават онлајн-продажбата сегашност и иднина. Скептицизмот полека го снемува, а довербата во онлајн-продавниците расте, со тоа и плаќањата преку интернет. Пред неколку години незамисливо беше некој да купи патики или облека без физички во малопродажен објект да ги проба и да ги види, а сега сè повеќе расте бројот на потрошувачи во онлајн-продавниците. Сепак, далеку сме од глобалните трендови, но морам да забележам дека македонските граѓани се во горниот дел во „табелата“ на регионално ниво во користењето на онлајн-продавниците и довербата во нив.

Каков совет ќе им дадете на студентите што го избрале маркетингот за своја идна определба?

- Да бидат подготвени за динамичен живот, опкружени со многу информации, соработници, кратки рокови. По завршувањето на студиите не треба да ја чекаат совршената работна позиција што е добро платена и ќе биде соодветна со насоката на која студирале.
Собирајте што повеќе искуства, од секоја работна задача, нова работна позиција, истражувајте и „будни“ влегувајте во секој нов предизвик. Гледајте ја „широката слика“, така ќе можете успешно да ги поврзете желбите и потребите на компаниите и потрошувачите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот