X
 02.07.2015 Интервјуа

Интервју со 100% чистокрвен Македонец, Марио Шаревски

Марио Шаревски се декларира како 100% чистокрвен Македонец. По потекло Македонец, роден во Македонија, тој зборува македонски и ја сака Македонија. На „You Tube“ има канал кадешто објавува видеа од убавините на Македонија. По професија е магистар по геополитика. Што прави во слободно време? Секако, ја истражува Македонија.


Ф: Кога првпат ја откри својата страст за истражување на убавините на Македонија?

Марио: Неизмерната љубов која ја имам кон Македонија во мене постои и тлее уште од најраната младост и со текот на времето таа зазема сè поголеми размери и опфаќа нови и нови домени. Моите прошетки, патувања и походи низ Македонија биле присутни од секогаш но со поголема страст започнаа некаде кога бев во средно училиште. Додека бев помал имав многу помалку можности за непосредно истражување на убавините на Македонија, па во тоа време повеќе се посветував на собирање и читање книги за Македонија за нејзината природа, географија, историја, етнологија, култура, знаменитости, кои денес кога имам поголеми можности за шетање ми се неизбежно „помагало“ при сите уживачки и истражувачки походи низ Македонија.

Ф: Која е твојата лична мисија кога станува збор за патувањето?

Марио: Мојата лична замисла и цел, односно мисија, на секое патување е што поголемо доживување,осознавање и истражување на просторот кое секако потоа ќе се сподели за мое и сеопшто големо уживање. Човекот е дел од природата и просторот, па секое нивно истражување е всушност и осознавање на самите себеси. Бидејќи патувањата секогаш носат најразлични згоди, незгоди и доживувања, тие се воедно и најдобрата прилика за спознавање и подобрување на сопствената личност и можности.

Ф: Имаш канал на „You Tube“ посветен на патувањата низ Македонија. Што сè може да видиме таму?

Марио: Собирајќи толку многу податоци за разни знаменитости и места во Македонија кои постојано ги посетувам минатата есен се решив да започнам со објавување на снимки од уживањата во Македонија. Така, досега може да се видат 25 снимки или „епизоди“ насловени како Уживај во Македонија, каде може да се видат уживања во Македонија како што се: капење во планински езера, реки и водопади, искачување на врвови, посета на разни села, места, природни убавини на Македонија, но и уживање во вкусовите на Македонија како што се ајварот, ракијата, туршијата... :)



Ф: Кажи ни нешто за истражувањата кои ги имаш спроведено за земјата.

Марио: Мојата нескротлива желба за изучување и споделување на сознанијата за сЀ она што е Македонија пред 10 години ме одведе на Википедија слободната енциклопедија на македонски јазик, каде оттогаш па сЀ до денес непрестајно уредувам и создавам статии за сè што е поврзано со Македонија, особено за македонските села, планини, реки, области, историја, географија. Годинава со момците од Википедија започнавме и спроведовме 3 истражувачки експедиции или походи низ Неготинско, Кратовско и во Мариово, на кои посетивме и сликавме многу села, планини, реки, манастири и знаменитости и каде во разговор и дружење со мештаните собравме многу податоци.

Исто така од оваа година, јас лично заедно со моето другарство „Единствена Македонија“ од многуте книги и сопствени податоци за Македонија кои ги имам започнав да составувам збирки со податоци за географијата, историјата, населението на разни области и предели на Македонија, од кои редовно читаме при нашите посети,походи и прошетки и во духот на нашето движење и иницијатива наречна #МАКЕДОНИРАЈ ги оставаме односно подаруваме на мештаните за нив и за нивните гости и посетители во планинарски домови, училишта, цркви, манастири на секаде каде што одиме низ Македонија.


Ф: Најтешко патување?

Марио: 3П-ЧЕ или тридневниот пешачки поход од Гостивар до Прилеп кој го имавме овој 1 мај, одејќи од Полог преку Порече до Пелагонија, 120 км пеш преку 3 планини и 3 долини или котлини, низ недопрени предели и дивини. Во интерес на просторот и времето само ќе препорачам вашите ценети читатели доколку сакаат да ја ѕирнат снимката #18 (https://www.youtube.com/watch?v=yJdmyk2uZIY) или да го прочитаат следниов патепис или „извештај“ од овој невиден поход (http://karas4training.com/mk/news/p-kako). погледнете. 

Ф: Предизвици со кои се соочуваш за време на патувањата?

Марио: Како што споменав, секое патување е своевидно доживување полно со неизвесности и непредвидливости.Некогаш предизвик претставуваат временските услови како силен дожд, снег, ветер или сонце, друг пат на самото предизвик може да претставува човечкиот фактор односно личните недоумици или различните склоности и можности во однос на останатите.

Ф: Што научи од патувањата?  

Марио: Поврзано со претходното прашање и одговор, од сите патувања научив многу работи и усвоив едно „златно“ правило: со добра мисла и позитивна побуда секогаш се стигнува до убав и добар исход на крајот.

Ф: Што да очекуваме од тебе наскоро?  

Марио: Откривање, споделување и секако заедно со мене уште многу, многу уживање во убавините на Македонија.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа