Структурираното вежбање значително го намалува ризикот од повторно појавување и смртност од рак на дебелото црево, носејќи нова надеж за пациентите преку едноставни, но ефективни навики на движење.
Многу пациенти со рак на дебелото црево се прашуваат како да ја држат болеста под контрола по завршената хемотерапија. Едно клучно истражување сега нуди силен и охрабрувачки одговор на тоа прашање: структурана, внимателно следена и поддржана физичка активност може значително да го продолжи животот.
Физичката активност покажа зачудувачки резултати
Во истражувањето учествувале 889 пациенти со рак на дебелото црево од шест различни земји. Едната група добивала стандардна нега по хемотерапијата, додека другата учествувала во тригодишна менторска програма што вклучувала индивидуализирани планови за вежбање и редовни средби со фитнес-експерти. Резултатите биле извонредни: физичката активност го намалила враќањето на болеста за 28 отсто, а смртноста за 37 отсто.
Според Џастин Стебинг, професор по биомедицински науки на британскиот Универзитет Англија Раскин, дури 90 отсто од луѓето што вежбале не доживеале повторна појава на ракот во рок од пет години, во споредба со само 74 отсто од оние што не вежбале.
Клучна е доследноста
Учесниците од групата што вежбала најчесто пешачеле енергично по 45 минути, четири пати неделно. Започнале со полесен режим, на почетокот со двонеделни, а подоцна со месечни средби со тренери. Таа постојана поддршка се покажала како клучна за долгорочна доследност во вежбањето.
Повредите биле нешто почести кај групата што вежбала (19 отсто) отколку кај контролата (12 отсто), но научниците ги оцениле како лесни и далеку помалку значајни во споредба со големите придобивки за преживување.
Стебинг го нарекува ова истражување прв силен доказ дека физичката активност не само што е во корелација со подобри здравствени резултати, туку директно ги подобрува стапките на преживување кај пациентите со рак.
Додека научниците продолжуваат да го истражуваат влијанието на вежбањето врз инсулинскиот одговор, воспалението и имунолошката функција, примероците од крв од истражувањето може еден ден да водат до индивидуализирани програми за вежбање како дел од третманот. Но, дотогаш, Стебинг го истакнува најважното: движењето е од суштинско значење, но вистинската форма и вистинската доза прават голема разлика.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik