X
 07.07.2020 Наша тема

Метеоролозите објаснуваат какво време да очекуваме летово во Македонија

За дополнителни и навремени информации, потребно е редовно следење на подеталните краткорочни прогнози

Како се определува временска прогноза и какво лето нè очекува оваа година? Податоците за времето ги добиваме на дневна основа, планирањето на животот ни зависи од нив, ги добиваме на тацна, речиси несвесни дека некој секојдневно ги изработува. Александра Стевков и Сузана А. Моневска се дел од вработените во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) кои секојдневно ги доставуваат овие податоци до медиумите и преку нив стигнуваат до граѓаните.

Како се формира временската прогноза? Александра Стевков објаснува дека прогностичките материјали УХМР ги презема од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) во Рединг, Виртуелниот центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), како и од останатите светски прогностички центри.

- Предвидувањата за климатските изгледи за лето 2020 се базираат на динамички модели, статистички модели и телеконекции на климатски карактеристики од поголеми размери. Моменталните анализи на движечките фактори (NAO, ENSO...) преточени преку голем број глобални компјутерски модели за предвидувањa го покажуваат најверојатното климатско сценарио за ова лето – објаснува Стевков.

Продолжува трендот на климатски промени


Метеоролозите велат дека летово 2020 се очекува да биде потопло и посушно, со поголема веројатност за позитивни отстапувања на температурата од многугодишните просеци и врнежи малку под просечните вредности.


Отстапување на сезонската температура на воздухот (°C) (SEEVCCC-лето 2020)

- И покрај слабиот сигнал за предвидување на климатскиот изглед во овие три месеци, најверојатно е дека ќе се јави поле на повисок притисок во северозападниот дел на Европа. Веројатноста дека температурата на површината на морето ќе продолжи да расте е многу голема, па се зголемува и веројатност за појава на посушно и потопло време во однос на просекот. Дека трендот на климатски промени продолжува и понатаму, јасен сигнал дава позитивното отстапување на температурата што се предвидува за целиот континент Европа - вели Стевков.

Така, за територијата на нашата земја постои голема веројатност да се надминат температурите од многугодишните просечни вредности. Предвидено е температурите на воздухот да достигнат зголемување до 3°C.

Врнежите потешко се предвидуваат

Метеоролозите објаснуваат дека несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Јасен сигнал нема ни за територијата на целиот југоисточен регион на Европа, ниту за нашата земја, каде што моделите предвидуваат дека врнежите ќе бидат нешто под просечните вредности, поизразени во западниот дел.


Отстапување на сезонската количина на врнежи (%) (SEEVCCC-лето 2020)

- Температурниот опсег на многугодишниот просек 1981-2010 за летото во Република Северна Македонија е од 16,0°C во планинските предели до 25,3°C измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23,9 mm измерени на метеоролошката станица во Штип до 96,7 mm во Маврово - вели Сузана А. Моневска.

Многугодишниот просек (1981-2010) на температурата на воздухот во Скопје за јуни, јули и август изнесува 21,9°C, 24,2° и 23,9° C, соодветно. Многугодишната (1981-2010) просечна количина на врнежи во Скопје за јуни, јули и август изнесува 44,0 mm, 37,6 mm и 34,4 mm, соодветно.

- Сезонскиот изглед на времето е научен пристап кој овозможува информации за климатските карактеристики за неколку месеци или сезони однапред. Во летнава сезона секако постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори - објаснува Моневска.

Метеоролозите потенцираат дека за дополнителни и навремени информации, потребно е редовно следење на подеталните краткорочни прогнози, кои редовно и вонредно ги издава Управата за хидрометеоролошки работи.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема