Зад избледените дрвени врати и фасади во кинескиот кварт во Бангкок се кријат ресторани, коктел-барови и галерии. Некогашните семејни продавници и куќи, карактеристични за Југоисточна Азија, добиваат нова намена благодарение на потомците на семејствата што во нив живееле и работеле.
Овие повеќекатни згради традиционално имале двојна функција, продавницата се наоѓала во предниот дел, додека семејството живеело во задниот. Денес токму таквите објекти стануваат едни од поинтересните градски дестинации.
За разлика од класичната пренамена на индустриските простори, кај објектите од типот „шопхаус“ во Бангкок целта не е да се избришат трагите од минатото. Старите плочки, излупената боја, дрвените капаци на прозорците и другите оригинални детали често остануваат дел од ентериерот.
Еден од најпознатите примери е ресторанот „Потонг“, кој се наоѓа во петкатна зграда изградена во португалски стил. Во неа некогаш живееле членови на четири генерации од семејството на Пичаја „Пам“ Сунторњанакиј, а во приземјето се наоѓала кинеска аптека со лековити билки.
Просторот доби современ изглед, со бар во приземјето и покривна тераса, но историјата на објектот остана дел од неговиот идентитет. Слично е и со менито, кое одново го интерпретира тајландско-кинеското наследство.
„Потонг“ е дел од иницијативата „Мејд ин Сонг Вaт“, која работи на оживување на историскиот дел од кинескиот кварт Сонг Ват.
Нејзиниот основач Киативат „Ауи“ Сричанванпен го претвори приземјето на некогашната семејна фабрика за чевли во галеријата „Плеј Арт Хаус“. Просторот го одликува впечатлива сина фасада, а во него се прават изложби на локални и меѓународни уметници.
Во блискиот дел Јаоварат, четири браќа и сестри ја обновија семејната куќа и ја претворија во „Баан Трок Туа Нгорк“, простор кој комбинира културни и содржини од областа на гастрономијата. Целта беше современата намена да се вклопи со архитектурата и карактерот на старата зграда.
Неколку улици понатаму се наоѓа „Џиниус он Драгс“, бар кој од трошна зграда направи простор што потсетува на урнатините на некоја готска катедрала. Еден од необичните детали е пијаното кое изгледа како да лебди во воздухот.
Тренд што не е ограничен само на Бангкок
Сличен пристап може да се најде и во други градови во Југоисточна Азија.
Во Сингапур, „21 Карпентер“, кој денес е бутик-хотел, се наоѓа во некогашна куќа за пренос на пари, какви што користеле кинеските мигранти за да им испраќаат пари и писма на своите семејства. Архитектите вклучиле делови од тие писма во дизајнот на објектот, меѓу другото, и на алуминиумската фасада.
Во Чианг Мај во Тајланд, ресторанот „Кити Панит“ е сместен во 130 години стара зграда во која некогаш се наоѓала првата стоковна куќа во градот. Потомците на кинеските доселеници што ја отвориле продавницата ја обновиле напуштената куќа, ги зачувале оригиналната столарија и мебелот и му дале нова функција на просторот.
Овие примери покажуваат дека старата градска архитектура не мора да биде само потсетник на минатото. Со внимателна обнова, таа може да стане основа за нов ресторан, хотел, галерија или друг бизнис, додека истовремено ја задржува приказната за луѓето.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Unsplash