X
 08.03.2025 Живот

Џаспер - рај за љубителите на ѕвездите и поларната светлина

Распространет на 11.000 квадратни километри заштитена, недопрена природа, Националниот парк Џаспер нуди уникатно искуство за љубителите на ѕвездите.

Една топла октомвриска вечер, додека се слушаат мелодиите на Симфонискиот оркестар на Едмонтон, публиката со восхит го впива ноќното небо во Националниот парк Џаспер. Под светлината на Млечниот Пат, снежните врвови се издигнуваат кон небото, а проѕирните води на езерото Лак Боверт се спојуваат со темнината.

„Симфонија под ѕвездите“ е само еден од настаните на годишниот Фестивал на темното небо (од 17 октомври до 2 ноември 2025) што се одржува во Џаспер – еден од најголемите резервати на темно небо во светот.

Прогласен за Резерват на темно небо во 2011 година од Кралското астрономско друштво на Канада, Џаспер нуди исклучителни услови за набљудување на ѕвезденото небо, благодарение на строгите регулации за минимално светлосно загадување. Покрај тоа, ова место е идеално и за набљудување на поларната светлина. Експертите предвидуваат дека 2025 ќе биде една од најспектакуларните години за овој феномен во последните 20 години.

За разлика од другите резервати на темно небо, како што се Вуд Бафало и Граслендс, Џаспер има цела населба со 4.700 жители, што овозможува лесен пристап за посетителите. Туристите можат да уживаат во ноќното небо без да се откажат од удобноста на хотелите и организираните тури.

- Џаспер ви овозможува да видите илјадници ѕвезди дури и од средиштето на градот - вели Тајлер Бургард, астрофизичар и менаџер на „Џаспер планетариум“. Тој препорачува вечерни прошетки покрај езерото Лак Боверт, каде што владее апсолутен мир, нарушен само од шепотот на ветрот низ водата. Според него, поларната светлина овде може да се види на секои 10 до 14 дена.

1
Фото: Freepik

Џаспер се залага за зачувување на природниот мрак преку користење специјални улични светилки со минимална светлосна емисија. Околниот планински венец, кој е дел од заштитените подрачја на УНЕСКО, дополнително го штити од светлосното загадување на блиските градови.

Според Кралското астрономско друштво на Канада, целта на еден ваков резерват е да се промовира намалено влијание на осветлувањето, подобрување на ноќната средина за флората и фауната и создавање достапни локации за астрономите и љубителите на природата.

Фестивалот на темното небо оваа година ќе ја прослави својата 15-годишнина со спектакуларна програма, вклучувајќи шоу со дронови, предавања на познати научници (во минатото, присуствувал и Бил Нај), како и ноќни набљудувања со телескопи.

Покрај тоа, Џаспер е дом и на богата домородна историја. Корените на староседелските народи се длабоко поврзани со ѕвездите, кои служеле како календар и дел од нивниот духовен идентитет. Матриша Бауер, припадничка на народот Кри, ги раскажува старите легенди за ноќното небо покрај логорски оган, поврзувајќи ги ѕвездите со предците и нивните приказни.

За многумина, ѕвездите не се само точки на светлина – тие се дел од културното наследство, инспирација и потсетник дека универзумот крие многу повеќе приказни отколку што можеме да замислиме.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот