X
 08.05.2020 Живот

Смрт и историја: Гилотина - од првото погубување, преку митовите, до бизарните колекционери

Како најбрутален симбол на Француската револуција - гилотината првпат пред јавноста е претставена на 25 април 1792 година за време на егзекуцијата на Никола Пелетје.

Овој друмски разбојник се смета за прва жртва на смртоносното сечило, кое ќе послужи за убивање на многу луѓе во текот на Француската револуција, која траела цела деценија.

Направата која ќе биде прогласена за „национално сечило на Франција“ на почетокот не ја импресионирала насобраната публика, навикната на многу побрутални методи на извршување на смртната казна.

Меѓутоа, како што се случува со речиси секоја технолошка новина, гилотината набрзо успеала да го смени јавното мислење и да стане „омилена“ метода за егзекуција на политичките противници на властите сѐ до средината на 20 век.

И по 228 години откако сечилото првпат се слизнало во Париз, ви пренесуваме кратка историја на оваа брутална направа, од „најбезболна метода на погубување“ до митовите и конечните забрани.

Справи што ѝ претходеле на гилотината

Судејќи по историските податоци, француската гилотина не била првата направа од тој тип. Како што е запишано во хрониките на Холиншед, еден од најсеопфатните записи на историјата на Англија, Шкотска и Ирска до 16 век, машина што личела на гилотина била користена при погубување во Ирска во 1307 година.

На гилотината ѝ претходеле бесилките од Халифакс, кога егзекуциите биле вршени во пазарните денови. Се верува дека функционирала уште од 1280 година, а последното погубување со помош на таа направа било извршено во 1648 година.

Во соседна Шкотска била користена Шкотската девица - направа која по изгледот најмногу потсетува на гилотината каква што денес ја знаеме. Шкотската девица усмртила повеќе од 150 луѓе во периодот од 1564 до 1710 година, а последниот зачуван примерок може да се види во Народниот музеј во Единбург.

Дури во 1789 година францускиот лекар Жозеф Гијотен ќе предложи во Народното собрание употреба на механички уреди за извршување на смртната казна од, би се рекло, несекојдневни причини.

„Најбезболен метод на погубување“

Гијотен бил строг противник на смртната казна. Меѓутоа, свесен дека не може да промени ништо на тоа поле, тој за време на расправата во собранието во 1789 година изнел низа правосудни предлози за постапувањето со обвинетите и членовите на нивните фамилии, меѓу кои се нашол и оној за поблага метода за егзекуција која не би вклучувала мачење на осудениците.

Собранието во 1791 година усвоило предлог на секој што ќе биде осуден на смрт да му биде отсечена главата.

Иако сам не ја смислил машината за убивање, Гијотен ја надгледувал нејзината изработка. Направата за отсекување глави ја смислил Антоан Луј, додека германскиот производител на клавири, Тобијас Шмит, ја направил.

Сепак, гилотината ќе остане запаметена по францускиот лекар. Тој подоцна се обидел да се дистанцира од оваа направа за време на целата хистерија на погубување во 90-тите години на 18 век, но за тоа било предоцна.

Неговата фамилија дури и барала од француската влада да го промени името, но тоа никогаш не се случило.

Еден од митовите што кружат на интернет е дека Гијотен на крајот настрадал од гилотина, но историските податоци покажуваат дека францускиот лекар умрел од природна смрт.

Жозеф Гијотен
Фото: Wikipedia

Првата жртва и благите реакции

По една година од усвојувањето на предлогот погубен е првиот осуденик на смрт - Никола Пелетје, друмски разбојник. Стотици луѓе присуствувале на егзекуцијата на осуденикот на новата справа во Париз.

Меѓутоа, публиката (ако насобраните можат да се наречат така во тие околности) не била воодушевена.

Според одредени пишувања, насобраните биле разочарани, негодувале скандирајќи и барајќи враќање на бесилката.

Пред гилотината јавното погубување вклучувало мачење и некои брутални методи, иако денес е тешко да се замисли нешто побрутално од тоа да ви ја отсечат главата на градски плоштад пред повеќе стотици луѓе.

Но, гилотината во тој момент била официјална направа за извршување на смртната казна и бројот на луѓето што ќе настрадаат од нејзиното сечило наскоро значително ќе се зголеми.

За време на Јакобинската диктатура, од септември 1793 година до јули 1794, кога на власт биле јакобинците предводени од Максимилијан Робеспјер, владеел таканаречен режим на гилотина.

Страницата „Хистори“ наведува дека во тој период, често и без судење и поради незамисливи причини, илјадници луѓе биле обезглавени на гилотина.

Во тоа време прочуениот џелат Анри Сансон им отсекол глави на 300 мажи и жени во рок од три дена.

На гилотина, по неуспешниот обид за бегство во Белгија, биле погубени и францускиот крал Луј 16 и кралицата Марија Антоанета.

Вкупниот број на погубени на гилотина за време на Француската револуција можел да оди и до 25.000.

„ТиГилотин Хедкортерс“ собрал некои од имињата на луѓето погубени на гилотина меѓу 1879 и 1977 година, заедно со датумите на егзекуција.

Маркетингот е сѐ, дури и во 18 век

Погубувањата толку зачестиле за време на Француската револуција, што таа практика прераснала во вистинска манифестација за гледачи.

Луѓето дури и ги носеле децата, а производителите на сувенири, увидувајќи ја одличната бизнис-шанса, ја искористиле целата хистерија. Тие печателе листи со имињата на погубениците, постарите дами везеле гоблени, а во продажба се наоѓале и обетки во облик на мини-гилотина.

Играчките гилотини биле вистински хит меѓу децата. А децата, како и сите деца, си играле со нив така што им ги отсекувале главите на куклите или малите глодачи.

За среќа, разумот постоел и во 18 век, па продажбата на такви играчки била забранета во одредени градови.

Можеле да се најдат и последните зборови на осудениците, како и духовити досетки, а луѓето танцувале по скалите на гилотината. Како познатите скали на Џокер во Бронкс, само неколку века порано.

Во тоа време џелатите станале суперѕвезди. Најпознатиот џелат бил Анри Сансон, првиот „оператор“ на гилотината.

Џелатството била фамилијарна работа која се пренесувала од колено на колено. Фамилијата Сансон управувала со гилотината од 1792 до 1847 година, а од нивните раце настрадале и Луј 16 и Марија Антоанета.

Егзекуцијата на Марија Антоанета
Фото: Wikipedia

Може ли главата без тело?

Уште од самото воведување на гилотината се појавиле голем број теории за тоа дали главата може да остане свесна по отсекувањето.

Расправата кулминирала во 1793 година, кога помошник на џелатот ѝ удирал шлаканица на глава откако насобраните тврделе дека виделе како лицето на жртвата се мршти. Лекарите подоцна ги молеле осудениците да се обидуваат да трепнат или да го остават едното око отворено за да докажат дека можат да се поместуваат. Се случувало и да го извикуваат нивното име или да доближуваат свеќа до лицето, очекувајќи реакција.

Страницата „Хистори“ пишува и за случај кога лекар пумпал крв во глава, очекувајќи да се врати во живот и да прозборува. Ваквите експерименти продолжиле сѐ до 20 век.

Ако ве интересира оваа тема, прочитајте го овој лекарски извештај од 1905 година.

Последните жртви, последниот џелат

Последната јавна егзекуција е извршена во 1939 година во Версај во Франција. Германецот Јуџин Видмен, повеќекратен убиец, јавно бил погубен пред неколку стотици набљудувачи.

Фотографија од последната јавна егзекуција забележала Хелен Роџер Вајолет, а за тој настан пишувал и Албер Ками во есејот „Размислувања за гилотината“.

Сепак, станува збор за последната јавна егзекуција. Последната официјална егзекуција на гилотина, далеку од очите на јавноста, е одржана во 1977 година во Марсеј. Хамида Џандуби од Тунис бил погубен поради силување и убиство на девојка. Тој е последниот човек над кој е извршена смртна казна на Запад и последниот кој бил погубен на тој начин.

Фернан Масонје бил последниот француски џелат и тој починал во 2008 година.

Каде денес може да се најде гилотина?


За среќа, само во музеите. Гилотини се изложени во музеите во Белгија, Франција, Холандија и други држави до кои во тоа време стасала оваа направа.

Има и луѓе што имаат гилотина во приватна сопственост. Анонимен француски милионер и колекционер на бизарни предмети во 2018 година на аукција во Париз купил 150 години стара реплика на гилотина. Тоа задоволство го чинело повеќе од 8.000 евра.

Автор: Урош Димитријевиќ
Извор: Би-би-си на српски
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот