X
 08.07.2025 Технологија

Ажурирања за безбедност на андроид-уредите - никогаш не треба да ги игнорирате

Во свет на паметни телефони, корисниците со нетрпение очекуваат големи ажурирања на оперативниот систем кои носат нови визуелни елементи и функции. Сепак, зад овие атрактивни промени се случуваат многу поважни процеси. Месечните безбедносни ажурирања на „Андроид“, кои често остануваат незабележани, се клучна линија на одбрана за вашиот уред.

Секој андроид-телефон редовно добива месечни безбедносни ажурирања до крајот на неговиот животен циклус на софтверот. Иако овие ажурирања не го менуваат начинот на кој го користите вашиот телефон, нивното влијание врз безбедноста и интегритетот на вашиот уред е поголемо од која било нова верзија.

Овие ажурирања, создадени од „Гугл“ и дистрибуирани до производителите, го штитат вашиот телефон од хакери со отстранување на „експлоатации“ (методи за искористување на ранливости), поправање грешки и затворање на безбедносните дупки. Иако безбедноста на „Андроид“ е напредната, а основните правила за разумна употреба се основа на заштитата, редовните ажурирања остануваат неопходен чекор.

Лажно чувство на безбедност: Кога стануваме свој најголем ризик

Чест аргумент против редовните ажурирања е дека просечниот корисник не е во опасност ако дејствува одговорно - инсталира апликации само од „Гугл плеј“ и не посетува сомнителни веб-страници. Иако има одредена вистина во ова, ова гледиште го игнорира психолошкиот аспект на безбедноста.

Истражувањата покажале дека благодарение на напорите на „Гугл“ да нè заштити, развиваме лажно чувство на безбедност. Бидејќи се чувствуваме побезбедно, стануваме поневнимателни - игнорирајќи ги барањата за приватност и давајќи им дозволи на апликациите без да размислиме зошто им се потребни. Оваа лабавост создава идеални услови за напади од социјален инженеринг, како што е „фишинг“, каде што ги предаваме нашите податоци. Безбедносните ажурирања дејствуваат како безбедносна мрежа токму во овие моменти на невнимание.

Што е експлоатација „нулта-ден“ и зошто е толку опасна?

Во светот на сајбер-безбедноста, терминот експлоатација „нулта-ден“ се однесува на една од најопасните закани. Тоа е напад што експлоатира безбедносна ранливост во софтвер што е непозната за производителот, во овој случај „Гугл“.

Терминот „нулти-ден“ се однесува на фактот дека кога напаѓачот првпат ќе искористи пропуст, програмерите имале буквално нула дена да го поправат. Откако хакер ќе открие ваков пропуст, тоа е трка со времето. Колку подолго му е потребно на „Гугл“ да ја открие и поправи ранливоста, толку повеќе време има напаѓачот да пристапи и да го компромитира уредот.


Иднината на безбедноста: Андроид 16 и режим на напредна заштита

Со претстојниот Андроид 16, „Гугл“ планира да воведе функција наречена „Режим на напредна заштита“. Оваа опција ќе ги комбинира постојните и новите безбедносни функции зад еден прекинувач. Кога е вклучен, вашиот телефон автоматски ќе активира различни мерки за заштита, како што се:

-Блокирање на повторно поврзување со необезбедени безжични мрежи.

-Зачувување на резервни копии со енкрипција од крај до крај.

-Ограничување на УСБ-врските на полнење само кога уредот е заклучен.

Сепак, овие моќни функции се потпираат на ажуриран систем. На пример, напредниот режим на заштита ќе ги блокира преземањата на непознати апликации, насочувајќи ве само кон доверливи извори како што е „Плеј стор“. За да биде ефикасна оваа заштита, самиот „Плеј стор“ и основниот систем мора да ги имаат најновите безбедносни закрпи.

Безбедноста е заедничка одговорност

Безбедносните ажурирања се бескорисни без наша соработка. Тие се првата и најважна линија на одбрана. Игнорирањето на ажурирањата создава празнини во таа одбрана, а хакерите знаат дека многу корисници не ажурираат редовно. Во ерата кога сајбер-нападите стануваат сè почести, ажурирањето на уредите е најмалку што можеме да направиме за да ги заштитиме нашите дигитални животи.

Извор: mob.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија