X
 08.08.2020 Живот

До кога ќе биде нормално да ме прашуваат кога ќе се мажам и колкава ми е платата?

Пикањето на носот во туѓите работи одамна им е омиленото хоби на Србите. Како непишано правило е на секое поголемо собирање некој да добие интимно прашање кое баш и не е примерно. На секој фамилијарен собир тргнувам вооружена.

Дали ќе ги превртам очите или ќе се правам дека не сум го слушнала прашањето, зависи од тоа кој ме прашува и дали морам да бидам љубезна или не. Па она прашање „Кога ќе се мажиш?“ беше толку често кај мене што го слушав како „Здраво, како си?“ Ништо невообичаено или нешто што не го слуша секој мој врсник по милион пати.

Но, едно прашање ме наведе малку повеќе да размислувам за ова. Касиерката во блискиот маркет, која секако знае сѐ за секого од крајот, имаше доволно смелост да ја праша муштериката нешто што не би се осмелила да ја прашам ни родената сестра.

- Не купуваш влошки во последно време, дали има некои среќни вести кај вас? - ја праша таа младата девојка која често купува во таа продавница. Ми се стегна желудникот и се засрамив наместо неа. Па, зарем е нормално да имаме толку слобода тукутака да прашуваме за нешто за што се разговара само со најблиските?

Зарем мора сите намирници да ги купува во таа продавница? Што ако девојката сака да има дете, а има здравствени проблеми и не може да затрудни? Што ако нема партнер, а ова е прашање кое ја води во депресија? И да нема ништо лошо во прашањето, зошто кој било би прашал кого било такво нешто?

Потоа седнав и размислив низ какви „интервјуа“ сум поминала низ годините. Зошто немаш момче, што не е во ред со тебе? Па кога ќе најдам момче, потоа секако мора да го помине испитот кај фамилијата, од каква куќа е, колку заработува, како се однесува...

Ако успеал „да ги освои срцата“ на најтешките критичари, тогаш доаѓаме до класиката „Кога ќе се мажиш?“ Па сега бидејќи поради короната не можам да организирам свадба, поради виша сила не можат да го стават тоа прашање на дневен ред. Но, како веќе толку време сме заедно, а јас не сум трудна? Леле, па вие имате некој проблем! Па имам проблем, а тоа се токму оние што постојано истражуваат што работам или не работам, каде се движам, зошто сакам или не сакам нешто.

Колку деца би сакала да имаш? Па немој само едно, гревота е да биде само. Важи, фала на советите. Што друго и да кажам... Изгледа во нашите краишта се стекнува впечаток дека нешто сериозно не е во ред со тебе ако не си во брак...

Па се оддалечуваме од темите за проширување на фамилијата, но секако секогаш има уште нешто. Е како ти е на работа, колку заработуваш? Никогаш не сум сакала да зборувам за финансиите и никогаш никого не сум прашала колкава му е платата. Веројатно и тоа е некоја лична работа. А не разбирам ни зошто е важно тоа и што им менува во животот? Веројатно да почнат да плачат над мојата судбина ако кажам дека ми се мали примањата или да почнат приказна дека сум опуштена и мислам дека сѐ ќе биде лесно зашто имам висока плата, па не знам колку се мачат тие.

Што и да кажам, ќе го свртат во своја корист само да најдат можност да ме кудат. Веројатно тоа се тие години кога ве гледаат како подвижен предмет кој треба добро да се анализира. Или сепак е до нашиот менталитет со оглед на тоа дека моите пријатели од странство се зачудени кога им ги раскажувам овие случувања. Значи, само во Србија сакаат да чепкаат таму каде што не треба.

А потоа слушнав совет од психолог, кој ми рече на таквите лични прашања да одговорам со „зошто ме прашуваш?“ Така нив ќе ги ставам во непријатна ситуација, па веќе нема да им падне на памет да ме прашуваат такво нешто. И навистина функционира, не прашувајте ме како знам.

Автор: Лидија Иванов
Извор: Noizz
Насловна фотографија: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот