X
 08.09.2017 Живот

Со која песна беше прогласена независноста на Македонија во 1991 година?

Дел од постарите генерации веќе заборавиле, а малкумина од новите генерации не ни знаат дека еден од најважните моменти во македонската историја го одбележа тогаш најпопуларниот македонски бенд „Меморија“ со нивната култна преработка на песната „Македонија“ од Дадо Топиќ.




„Кога си сам и тажно е се, на неа ти сети се. Македонија ти нуди, љубов и сѐ.“ Ова се стиховите кои ечеа од бината поставена на градскиот плоштад во Скопје, ноќта на 8 септември 1991 година, непосредно пред официјално да биде прогласена независноста на Македонија. Дел од постарите генерации веќе заборавиле, а малкумина од новите генерации не ни знаат дека еден од најважните моменти во македонската историја го одбележа тогаш најпопуларниот македонски бенд „Меморија“ со нивната култна преработка на песната „Македонија“ од Дадо Топиќ.   

Додека бројните граѓани собрани на плоштадот со нетрпение ги очекуваа тогашните власти да излезат и официјално да ги соопштат резултатите од спроведениот референдум, членовите на „Меморија“ во 23:50 часот почнаа да ја свират сега веќе култната песна. Насобраните граѓани, кои според тогашните проценки на полицијата ги имало повеќе од 50.000, ја пееја во еден глас. Зошто токму „Меморија“ ја добила честа да биде дел од најважниот настан во поновата македонска историја? Основачот на бендот „Меморија“, Петар Георгиевски - Камиказа вели дека нивното појавување на таа бина било многу разбирливо.
  
 

- Прославата на плоштадот беше во организација на Македонското радио. Ние бевме ексклузивци на МРТВ и нашиот албум го носеше бројот 001, разбирливо беше да бидеме таму. А воедно ги имавме и песните кои до ден денес живеат. Тој настан го крстија трет Илинден, а ние бевме Илинденците. Беше исклучително емотивно, со еден тон желби за поубав и попросперитетен живот - се сеќава Георгиевски.

Кога завршиле со свирење на „Македонија“, на бината се појавиле членовите на тогашната влада, а претседателот Киро Глигоров официјално прогласил независна  и суверена Македонија. По отворањето на шампањот, честитките меѓу присутните, огометот и интонирањето на химната, „Меморија“ на полноќ повторно застанала на бината и почнале да ја свират песната „Оган под ѕвездите“. 

- Колку и да бевме свесни или несвесни дека ја испишуваме историјата, радоста на лицата на илјадници луѓе се гледаше од бината. Таква искрена емоција човек ретко може да доживее и никакви материјални добра не можат да го заменат тоа чувство. Остана врежано во срцата на присутните засекогаш - вели Георгиевски.

Сите присутни, но и останатите граѓани на Македонија тогаш имале бројни желби и очекувањата од иднината.

- Сакавме да изградиме подобро општество за сите, праведно, некорумпирано и пред сѐ родољубиво. За жал, многу од тие желби останаа само во песните и во мислите - завршува Георгиевски.  
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот