X
 25.09.2022 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Која била првата банка во Македонија?

Дали некогаш сте се запрашале кога почнале да се вршат банкарски услуги во Македонија?

Одговорот го има во книгата „Стопанството на Јужна Србија“ („Привреда Јужне Србије“, кога Македонија така се водела) на Милан Гавриловиќ, издадена во 1933 година, каде што се објаснува кога пристигнала првата банкарска институција во земјата и како функционирало позајмувањето финансиски средства претходно.

Во книгата се наведува дека пред да биде отворена првата банка во Скопје, функцијата на кредитори ја вршеле одредени менувачници кои најчесто биле во рацете на Евреите. Освен нив, имало и приватни кредитори кои позајмувале пари.

Првата установа што почнала да врши банкарски услуги во Скопје, иако не била банка, била филијала на браќата Алатини, која била основана за извоз на производи.

По неа ќе дојде и филијалата на Отоманската банка во Скопје, со агенти во одредени места, но оваа голема установа најмногу се занимавала со услуги за пресметки и по налог на турската државна администрација, а ретко со кредитирање фирми и поединци.

Интензивноста на работењето и сменетите политички услови ја поттикнале Солунската банка да отвори своја филијала во Скопје некаде кон крајот на 19 век или почетокот на 20 век. Тоа ќе биде првата банка што нудела банкарски услови во тогашната Јужна Србија. Солунската банка во Скопје вовела ист начин на работа како во Солун. Оваа банка функционирала до ослободувањето, кога била ликвидирана.

Во тоа време во Солун постоеле големи банки со странски капитал кои ги кредитирале речиси исклучиво солунските трговци или комисионерите. Пред доаѓањето на Солунската банка во Македонија, македонските трговци можеле да земат банкарски кредит преку солунски посредник.

Интересно е тоа што во Солун преку цела недела се купувало на кредит, а исплатата се вршела само еднаш неделно, и тоа во петок, кој бил прогласен за ден за плаќање, пагаменто. Тие денови се повлекувале кредити од банките за комисионерите и трговците да може да им одговорат на своите обврски, а должниците секогаш се труделе да ги вратат парите неколку дена пред петок. Затоа, во внатрешноста постоеле одредени денови за плаќање кои му претходеле на петокот, кои биле различни во однос на оддалеченоста од Солун.

Парите се испраќале преку патник, а за полесна пресметка била воведена и упатница која наликувала на чек, со кој поединците од внатрешноста наредувале исплати кај банкарот или комисионерот во Солун или обратно. Овој систем на пресметување и плаќање значително ја олеснил циркулацијата на пари.

Насловна фотографија: Pixabay

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема