X
 08.09.2025 Здравје

Клетките од слезината играат изненадувачка улога по доживувањето срцев удар

Откако некое лице ќе доживее срцев удар, срцето има краток временски период во кој може да се излекува, ако постојат соодветни околности. Но, најчесто, во областите каде што немало кислород за време на срцевиот удар се нарушува функцијата на срцето, што може да го зголеми ризикот од прерана смрт.

Нова студија предводена од д-р Сумант Д. Прабху, истакнат професор по кардиоваскуларни заболувања, и д-р Мохамед Амин Исмахил, открива изненадувачка улога на слезината - мал орган во близина на ребрата што ја филтрира крвта и се бори против инфекции - во помагањето на срцето да се излекува по срцев удар.

Истражувањето на глувци покажало дека специфични имунолошки клетки наречени маргинални металофилни макрофаги, кои потекнуваат од слезината, патуваат до срцето и поддржуваат одговор на лекување по доживеан срцев удар.

Користејќи модели на глувци, секвенционирање на РНК во единечни клетки и други напредни техники, истражувачите утврдиле дека овие специјализирани макрофаги од слезината помагаат во чистењето на оштетените имунолошки клетки, го потиснуваат воспалението и активираат гени кои помагаат во поправката на повреденото срцево ткиво по срцев удар.


За да проценат дали истото се случува и кај луѓето, истражувачите ги измериле нивоата на маргинални металофилни макрофаги во примероци од крв, собрани од луѓе по нивниот прием во болница поради срцев удар. Истражувачите ги споредиле овие нивоа со оние на срцеви пациенти, кои имале коронарна артериска болест, но не доживеале срцев удар. Експертите откриле дека нивоата на специјализираните макрофаги се повисоки кај пациенти кои штотуку доживеале срцев удар.

Тие, исто така, покажале дека можат да го зголемат бројот на овие специјализирани имунолошки клетки кај глувците со експериментален лек и дека со тоа се подобруваат ефектите на лекување и антиинфламаторните ефекти. Оваа медицинска интервенција сè уште не е во клинички испитувања, но отвора пат за идна кардиоваскуларна имунотерапија насочена кон слезината за да се спречи срцева слабост кај пациенти што преживуваат срцев удар.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје