X
 14.07.2017 Здравје

Најризичен ден и месец за добивање инфаркт

Ново шведско истражување тврди дека годишните времиња и редоследот на деновите во седмицата можат да влијаат врз зголемувањето на шансите за добивање инфаркт. Во оваа студија научниците анализирале податоци од 156.000 пациенти што биле хоспитализирани поради срцев удар во текот на седумгодишен период. Добиените резултати покажале изненадувачки податоци во однос на терминот кога најчесто се случуваат ударите. Во поглед на деновите од седмицата, повеќето срцеви удари се случиле во понеделник, а најмалку во сабота.

Ризикот за добивање срцев удар во понеделник е за 11% повисок во споредба со другите денови од седмицата. Младите вработени лица се почувствителни во понеделник и кај нив ризикот за добивање инфаркт е за 20% повисок. Гледано од аспект на месеците, најризичен месец за срцеви удари е декември, а најмалку ризичен - јули. Изгледа летните празници се побезбедни за срцевото здравје во споредба со зимските, Божиќ и Нова година.

Времето кога срцевите удари се зачестени се совпаѓа со високите и ниските нивоа на стрес, како на пример, враќањето на работа по завршен викенд. И едно претходно истражување утврдило дека стресот може да биде иницијална каписла за промени во биолошкиот систем кои можат да предизвикаат зголемена подложност кај луѓето на срцеви напади. Како што растат нивоата на стрес, така се зголемува активноста во амигдалата, делот од мозокот што е одговорен за емотивните состојби.

Таа ја поттикнува коскената срж да произведува повеќе имунолошки клетки за одбрана од стресот. Но, зголемениот број имунолошки клетки предизвикува и воспалителни процеси, кои можат да им наштетат на артериите и на срцето. Затоа, настојувајте да го намалите стресот за да му помогнете на вашето срце. Вежбањето, длабокото дишење, па дури и гледањето комедии се начини кои докажано влијаат врз расположението, а со тоа се намалува и активноста во амигдалата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје