X
 08.09.2025 Наука

Структурата на мозокот кај луѓето е поврзана со ризикот од тешка депресија

Депресијата е меѓу најраспространетите психијатриски нарушувања и ја доживуваат околу 3,8 % од светската популација. Се карактеризира со постојано лошо расположение и губење интерес за повеќето активности, како и можни нарушувања во навиките за јадење и спиење.

Најтешката форма на депресија, позната како голема депресија (МД), може да биде многу ослабувачка, честопати нарушувајќи го животот на засегнатите лица и спречувајќи ги да работат или да се занимаваат со други секојдневни активности. Минатите студии посочуваа дека депресијата често е предизвикана од комбинација на генетски и фактори на животната средина.

Генетскиот ризик од развој на депресија или други нарушувања на менталното здравје се проценува со помош на таканаречените полигени оцени за ризик (ПРС). Тоа се процени за предиспозицијата на поединецот кон специфична состојба, врз основа на кумулативниот ефект на различни генетски варијанти.

Истражувачите од Универзитетот „Единбург“, Универзитетот „Мелбурн“, Универзитетот „Врије“ во Амстердам и други институти неодамна спровеле голема студија насочена кон истражување на врската помеѓу вредностите на ПРС за МД и структурата на мозокот на луѓето. Нивниот труд известува за специфични модели во обемот и површината на специфичните мозочни структури, кои се поврзани со повисок генетски ризик за депресија.

- Невробиолошките асоцијации на генетскиот ризик за МД остануваат недоволно истражени, без сеопфатна метаанализа. Нашата студија анализира податоци од 11 одделни студии, опфаќајќи 50.975 учесници од работната група за големи депресивни нарушувања ЕНИГМА. Развивме високо конзистентни генетски и невровизуализациски протоколи и ги применивме во сите студии - напишале Ксуеји Шен, Јара Ј. Тоендерс и нивните колеги.


Врз основа на овие податоци, тие пресметале вредности на ПРС кои го проценуваат генетскиот ризик дека на учесниците во студијата ќе им биде дијагностицирана МД во одреден момент од нивниот живот. Конечно, тие ги испитале скенирањата на мозокот собрани од учесниците и се обиделе да утврдат дали повисоките вредности на ПРС се поврзани со специфични модели во обемот на различни мозочни региони.

Истражувачите откриле дека волуменот и површината на интракранијалните и кортикалните региони биле помали кај луѓе со повисоки вредности на ПРС за депресија отколку кај оние со пониски вредности. Мозочните области кои се чинеле помали кај оние што биле генетски посклони кон развој на депресија ги вклучувале левиот медијален орбитофронтален гирус, хипокампусот, таламусот и палидумот.

Лицата под 25 години, исто така, покажале разлики во волуменот и површината на истите мозочни структури, кои биле поврзани со проценетиот ПРС. Иако овие разлики биле помалку изразени од оние забележани кај возрасни над 25 години, откриените модели биле исти.

Оваа неодамнешна студија фрла нова светлина врз специфичните модели во структурата на мозокот поврзани со поголем генетски ризик од соочување со депресија. Овие сознанија би можеле да придонесат за развој на нови персонализирани терапевтски интервенции за болеста.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука