X
 08.11.2019 Образование

Меѓународната матура во „Нова“ им ги отвора вратите на средношколците до најреномираните светски универзитети

Истовремениот физички, интелектуален и емоционален развој кај учениците преку кој тие учат како да се подобрат во наставните и вонучилишните активности преку развивање критичко и аналитичко мислење е главниот фокус на IB диплома програмата (попозната како меѓународна матура) што се спроведува во меѓународното училиште „Нова“.

Станува збор за двегодишна програма развиена од International Baccalaureate Organization, која им е достапна на средношколците од „Нова“ од трета и од четврта година. Во оваа изборна програма, која се спроведува уште од 2006 година, може да се вклучат средношколците што бараат поголеми предизвици во образованието и сакаат нивната средношколска диплома да добие поголема вредност при уписите на факултет. За да може да станат дел од програмата и успешно да ја комплетираат, средношколците треба да имаат одличен успех во традиционални академски дисциплини, познавање од најмалку два јазика, но и да покажат посветеност кон воншколски активности, подобрување на вештините за истражување и интердисциплинарниот пристап.

1

- Cите универзитети во светот ја признаваат IB диплома програмата. Најреномираните универзитети ги посакуваат IB учениците бидејќи се покажало дека тие полесно ја совладуваат тежината на академските програми на факултетско ниво како резултат на вештините што ги совладале во рамките на оваа програма. Од технички аспект, олеснително е што повеќето универзитети не бараат дополнителна нострификација или верификација на дипломата. Од академски аспект, тежината на програмата и строго контролираната екстерна евалуација доволно зборуваат за нејзиниот интегритет и за училиштето што ја спроведува - вели Еда Старова, координаторка на IB диплома програмата во „Нова“.

На почетокот на IB диплома програмата учениците одбираат 6 предмети, од кои три ги изучуваат на високо, а останатите три на стандардно ниво. Според Старова, особено важна е уникатната “core” компонента на програмата, којa се состои од три елементи - CAS (креативност, активност и помош на заедницата), Extended Essay (академски есеј) и предметот Theory of Knowledge (Теорија на спознание). Првиот елемент го сочинуваат различни предизвици за самоподобрување кои учениците треба да ги исполнат надвор од училиштето во времетраењето на програмата. Академскиот есеј е истражувачки проект преку кој учениците продуцираат дело до 4.000 збора во поле од нивен интерес, додека Теорија на спознание е задолжителен предмет во кој учениците им пристапуваат на предметите и целокупниот образовен процес низ призмата на аналитичко и критичко размислување.

2

Бројот на ученици што стануваат дел од оваа програма расте од година на година, а досегашното искуство на „Нова“ покажало дека поголемиот дел од средношколците што се дел од IB програмата своите студии ги продолжуваат на реномирани светски универзитети.

Средношколците што се дел од оваа програма велат дека се приклучиле најмногу поради квалитетот што таа го нуди во поглед на академски и личен развој на учениците, но и поради тоа што е меѓународно призната диплома која им ги отвора вратите кон реномираните универзитети.

- Кај оваа програма најмногу ми се допаѓа што на ученикот му е даден простор да се развива врз основа на своите афинитети. Истовремено, ригорозноста на програмата ги подготвува средношколците за студентските денови, го намалува стравот од обемните испити на факултет и воедно создава навика за континуитет во учењето. Тоа што IB програмата помалку се фокусира на бројот на предметите, а повеќе на квалитетот на изучување, придонесува за огромно задоволство кај секој ученик - вели Димитар Манов, ученик во „Нова“ кој е дел од IB програмата.

Тој додава дека оваа програма нему и на неговите соученици им помага да се развијат како личности, да го развијат своето критичко мислење, но и да станат активни и посветени учесници во локалната заедница.

Неговата соученичка Алана Шоенбек во „Нова“ дошла од Тунис, каде што го следела францускиот образовен систем. За неа изборот на IB диплома програмата изгледал како најдобра опција за продолжување на нејзиното образование бидејќи пристапот на оваа програма ги опфаќа сите аспекти на ученичкиот профил.

5

- Моето досегашно искуство е одлично. Голема предност на оваа програма е тоа што те охрабрува да преземеш акција и да почнеш нови активности, нејзините делови, на пример, програмите за поддршка на заедницата те ставаат во позиција да излезеш од твојата комфорна зона и да се осмелиш да правиш нови работи, носејќи самостојни одлуки. Друга придобивка од оваа програма е тоа што ти дава огромна академска слобода. Мене лично многу ми се допаѓа двегодишниот циклус на предмети бидејќи ми дозволува нивно подлабоко изучување, а особено ми значи тоа што IB програмата е признаена од сите универзитети во светот - вели Алана.

Од „Нова“ истакнуваат дека главната цел на програмата е да им овозможи на учениците да се издигнат до својот највисок потенцијал, како и да станат свесни за нивната околина и позитивниот придонес што може да го дадат за локалната заедница.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование