X
 08.11.2019 Култура

Почнува втората сезона на „Фамилијата Марковски“

Долгоочекуваната втора сезона од популарната македонска серија „Фамилијата Марковски“ ќе почне со премиерно прикажување утревечер (сабота) во 19:20 часот на телевизијата „Канал 5“. Серијата минатата сезона ги освои симпатиите на публиката прикажувајќи го секојдневието на членовите на фамилијата Марковски и предизвиците што ги носи живеењето во едно дисфункционално општество. Серијата е во продукција на „Арт проект лаб“, а е поддржана од European Endowment for Democracy (EED) и National Endowment for Democracy (NED). „Фамилијата Марковски“ е во режија на Даријан Пејовски.


Сцена од „Фамилијата Марковски“

Лиле (Силвија Стојановска), Иван (Александар Микиќ), Јана (Тамара Ристоска), Виктор (Владимир Петровиќ) и Бојан (Петар Петковски) ќе продолжат преку своите лични приказни да ни го илустрираат македонското секојдневие допирајќи многу теми кои често завршуваат на маргините. Здравствениот хаос, партиските вработувања и непотизмот беа само дел од темите што беа обработени во претходната сезона.

- Со првата сезона се обидовме да допреме теми кои тогаш, но, за жал, и денес сѐ уште се актуелни. Публиката го препозна импулсот на серијата и ни дозволи да ја раскажеме приказната онака како што ја замисливме. Со втората сезона одиме уште подалеку, обработувајќи теми како семејното насилство, зависноста од коцкање и онаа можеби најболна тема за македонското општество – иселувањето на младите. Дејството и овој пат е инспирирано од вистинити приказни од животот на граѓаните - изјавија од „Арт проект лаб“.


Тамара Ристоска и Сашко Коцев

Втората сезона на „Фамилијата Марковски“ имаше и свое фестивалско претставување на Сараевскиот филмски фестивал, каде што премиерно беа прикажани првите две епизоди од серијата како дел од програмата „Avant Premiere Gala“ заедно со уште четири балкански серии од новата продукција.

Репризата на првата епизода од втората сезона на серијата ќе биде в недела во 17 часот.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура