Жителите на селото Наидири на Фиџи го обновија речиси уништениот морски екосистем со засадување илјадници корали и со воспоставување заштитено подрачје.
Иницијативата ја покрена локалниот жител Маноа Дувај во 2009 година, загрижен поради сè помалиот број риби во традиционалните подрачја за риболов. Со поддршка од селските старешини беше воспоставена зона во која е забранет риболовот, а таа постепено се прошируваше како што морскиот свет почна да се обновува.
Помладите жители на селото презедоа важна улога во зачувувањето на екосистемот, а само во текот на 2023 година засадија 18.000 корали и 10.000 мангрови стебла.
Нивната работа им го привлече вниманието на научниците и организациите за заштита на природата, особено откако беше откриено дека одредени корали можат да преживеат исклучително високи температури на морето.
За време на овогодишниот топлотен бран, температурата на водата достигнуваше 39 Целзиусови степени, што предизвика масовно избелување на коралите. Сепак, околу 20 отсто од нив ги преживеаја овие екстремни услови.
Тие таканаречени суперкорали, кои се отпорни на високи температури, сега се пресадуваат и во подлабоки и поладни води во близина на главниот град Сува, со цел да се зголемат нивните шанси за опстанок.
Дувај изјави дека посебно го трогнало враќањето на ајкулите, кои со децении не биле видени во тоа подрачје.
Закрепнувањето на морскиот екосистем овозможи враќање на многу видови риби, а селото со 147 жители стана пример за тоа како локалните заедници можат да придонесат за обнова на морските живеалишта загрозени од климатските промени.
Извор:
Klix.ba
Фото:
Naidiri Marine Park