X
 09.02.2016 Образование

Како од робови на екраните децата ги претворив во продуктивни млади луѓе

Како наставник сфатив дека децата кои ме излудуваат отсекогаш беа големи љубители на телевизијата. Профилот на нивното однесување не беше убаво. Децата зависни од телевизија беа неодговорни, незрели, не покажуваа никаква почит, беа злобни и над сето тоа изгледаше како да им недостасува некаква цел, како со консумирањето на премногу измислени приказни да се обликуваа себеси според мажите и жените кои ги гледаа, слушаа премногу хамбургери кои зборуваа и премногу објаснување за тоа како стојат работите (под спонзорство од нафтени компании и високо млечни производи), изгубија сила да делуваат како целосна личност и да пораснат.

Беше речиси како телевизијата - како и самото училиште - да го краде времето потребно за пишување сопствени приказни, и како да го намали нивниот дух. Кога се појавија компјутерите, видов како проблемот се влошува. Потенцијално тие беа подобра опција поради можноста за поголема интерактивност, но повеќето корисници кои ги видов уживаа во порногрфија, игри кои ги играа против машините, а не други луѓе и многу потрошувачка, а не активно насочено однесување.

Дури со интернетот видов колку е лесно да се премине линијата кон пасивноста доколку не се примени добра дисциплина, а од искуство знаев дека до тоа не е тешко да се дојде.

Барајќи работна хипотеза со која би создал противотров за штетата, брзо го напуштив проповедањето како решение. Што и да може да се каже против телевизијата, игрите, интернетот и останатото, на децата веќе им беше кажано толку многу пати што нивните умови одбиваа повторно да ги слушаат овие зборови. Помошта треба да дојде на различен начин; ако овие работи навистина се толку лоши колку што верував дека се, ако ја намалуваат интелигенцијата и го уништуваат карактерот како што очекував, решението би морало да се пронајде во природната околина на младите во која физички се движат, и не им дава да седат.

Главниот механизам кој би предизвикал штета беше потиснувањето на повратните информации кои овозможуваат учење од грешките. Некој кој сам се обидува да плови во мал чамец неизбежно ќе го насочува бродот премногу лево, па премногу десно - но ова се почетнички грешки кои во праксата можат да се поправат бидејќи повратните информации ќе ја насочуваат реакцијата и проценката на „морнарот“. Во областа на совладување на говорот, со сите свои комплексни ритми и синтакса, безброј тонови и нијанси на дикции, одлучувачка е променливата - времето поминато на пракса. Во двата случаи, колку ситуацијата повеќе бара, толку побрзо се постигнува способност.

Мое мислење е дека доколку повторно се воспостави природниот биолошки круг, одвратното однесување на децата кои користат медиуми ќе се намали. И моето мислење се покажа точно. Доволната активност, сама по себе, која има цел во било која насока, ќе предизвика децата доброволно да го намалат времето поминато во тие „осветелни кутии“.

Сакав моите ученици да ги шокирам со откритието дека занимавањето со реалноста лице в лице е многу поинтересна и попријатна отколку гледањето на однапред спакуван свет на медиумите. Мојата цел беше да им помогнам да се ослободат улогата на набљудувачи, и да станат играчи. На никој во училиштето не смеев да му кажам што правам, но се потрудив да ги влучам и родителите како активни учесници. Прекршив многу закони за да ја реализирам мојата герилска програма. Самиот почеток донесе неверојатни и инспиративни резултати.

Кога децата ги ставате во тензичните води на реалниот живот - испраќајќи ги на експедиции низ земјата, отворање на судски систем за нивните судски постапки и економија за нивните бизниси, јавни форуми за нивните говори и политички активности, тогаш сфаќате дека голем дел од нивното време беше залудно потрошено седејќи во мракот. И како тоа сфаќање се вкоренуваше, така нивната зависност од електронските уреди се намалуваше.

Работејќи во таен договор со родителите кои беа исто толку очајни како и јас, ги испратив моите 13 годишни ученици сами да заобиколат пет општини на градот Њујорк. Некои од нив го заобиколија Менхетен, оддалечен само 45 километри; други одеа во различни делови од градот, споредувајќи ги, градејќи профили за луѓето и бизнисите во секој од нив, по знаците како што се облека, говор, архитектура, изглед на прозорците - склопувајќи ги нивните набљудувања од прва рака со разговори и истражување во библиотеката.

Некои од децата направија карта на Централ парк од различни гледишта, некои ги мапираа големите универзитетски кампуси, деловните единици, црквите, музеите - некои посетија владини канцеларии како што е секретаријатот за образование или полициската станица, но не како школска екскурзија. Поединечно. Тие го опишаа и анализираа она што го виделе таму, направија уптаства за другите, се обидоа да го откријат карактерот и користа од овие места.

Никој не беше присилен да оди на експедиција сам, иако тоа имаше најголема вредност, но цела училишна година беше отворена понудата дека секој може да добие ден или два надвор од училиште за истражување - се` додека сака да оди сам и да прифати некој корисен предмет на проучување.

Моите деца напишаа туристички водич за најсигурни места на Менхетен на кои можат да се скријат кога ќе побегнат од училиште, за одличните пицерии на Менхетен, за архитектурата на зградите, за базените на петте општини.

Кога оваа трансформација се случи, сјајот од екраните ја изгуби својата привлечност; повеќе децата немаа задоволство да ги следат актерите како прават нешто, бидејќи тие сами беа во акција. Реалноста, кога е поврзана со неодолива интелектуална работа, кај младите предизвикува растење, толку многу, што започнав да очекувам дека учениците со ужасен морал и однесување, кои влегоа како такви во септември, до крајот на април би можеле да станат интересни и продуктивни млади луѓе. Не сакам себеси да се пофалам и да ги земам сите заслуги за нешто што е откриено уште додека сме живееле во пештери - прифаќањето на тешки предизвици е буквално неопходен елемент за самоподобрување и обука. Тоа не е атомска физика.

Најголемо изненадување беше леснотијата на постигнувањето, таа не бараше ни талент ни пари; секој би можел да ги повтори моите резултати. Нема да негирам, тешка е работата да се обидете да го изведете трикот со 130 деца годишно.

Во текот на годината, моите ученици започнаа толку проекти и заслужија толку многу аплауз и награди, што и мене ми донесоа награда.  Училиштето кое немаше поим како постигнав вакви резултати ми даде награда. Кога на одборот за доделување на награди се обидов да им објаснам дека требаше ептен малку да работам за ова достигнување, претпоставувам дека тоа беше отфрлено како очекувана скромност, но денес, кога не треба воопшто да се докажувам, искрено се надевам дека ќе ми верувате.

Некој внатрешен часовник отчукува во секој живот, предупредувајќи не` дека имаме закажно средби со реалноста: вистинска работа која треба да ја извршиме, вистински вештини кои треба да ги научиме, вистински борби кои треба да ги водиме, вистински ризици кои треба да ги преземеме, вистински идеи кои треба да ги сфатиме. И очајно е потребно во вашите замисли да биде и смртта, за никогаш да не заборавите колку е краток вашиот живот.

Многу години голем број надворешни влијанија - телевизијата, компјутерите и државното образование како главно меѓу нив, коваа заговор за да ги отуѓат децата од нивните императивни потреби да учествуваат во се`. Крајниот резултат беше нација на лути, исплашени, безмилосни и нецелосни мажи и жени. Луѓето осудени да бидат нецелосни, нестручни и исплашени, пронаоѓаат начин да се одмаздат на оние во нивна близина, додека малку по малку умираат пред електронските екрани. Вратете го она што им е украдено и развојот на децата за кој експертите предупредуваат ќе се намали. Да се биде зрела личност значи да се живее со цел, своја сопствена цел: значи да се прифати одговорноста како храна потребна за живот на возрасните; значи да се однесуваш како добар граѓанин - да се најдат начини за во општеството во кое живеете да додавате вредности, значи да се борите со вашите слабости и да го развивате срцето, умот и духот - ниту едно од овие вештини не ги поседува набљудувачот.

Подигнете ги чизмите од вратовите на вашите деца, проучете ги нивните потреби, а не вашите, не оставајте експертите да ве исплашат, повторно поврзете ги вашите деца со примарното искуство, напушете ја играта на победник и губитник за момент и ќе ги добиете истите резултати кои ги добив јас. Можеби и подобри.

Колку и да изгледа дека сме длабоко инволвирани во оваа активност - оженети/омажени со машините, физичкото престанување е единствено извлекување. Покажете и` на младата личност зависна од телевизија дека животот е многу поинтересен од телевизијата и природата со текот на времето ќе го направи останатото - но, ова е израз кој е важен да се покаже, а не да се каже.

Ако државата не го направи тоа за вас, ќе мора да го направите сами.

Автор: Џон Тејлор

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование