„За да бидеш професор и дел од академската заедница, треба да имаш дигнитет, а не суета, а студентот - интегритет. За да бидеш студент, треба индексот да ти е книшката што најмногу ја сакаш, а не членската од партија. Ниту една партиска книшка не може да го замени вашиот индекс, а утре да биде замена и за вашата диплома!“ - е пораката на проректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, професорот Марјан Ѓуровски, од свечениот академски час на Правниот факултет во Битола.
Според професор Ѓуровски, денес немањето подмладок и асистенти на сите државни факултети го доведува во прашање нормалното функционирање на високото образование и изведувањето на практични вежби за студентите.
„Професорите вложуваат дополнителни напори, но веќе високото образование не смее да биде третирано како сирак во државата и да се гледа одвоено кон него зашто промените само во основното и во средното образование, чии реформи ги поздравуваме и се добри, но без сериозни вложувања во високото образование нема да ги дадат потребните ефекти во целост за целокупното македонско општество“.
Ѓуровски искажа уверување дека овој алармантен проблем ќе биде надминат зашто некои факултети во блиска иднина нема да можат целосно да ги реализираат акредитираните студиски програми, односно веќе одамна вежбите не се дел од редовните универзитетски активности, за жал.
Повик до студентите да се вакцинираат
За да излеземе што побрзо од пандемијата на ковид-19, секој од нас ќе треба да се вакцинира, нагласи Ѓуровски. Тој рече: Вие, младите, како студенти треба да верувате во научните дострели наместо во теории на заговор.
Сакајќи да се заштитите себеси, но и своите блиски, родители, баби и дедовци, потребно е да се вакцинирате доколку тоа досега не сте го направиле. Само така заедно ќе ја победиме пандемијата и сите заедно целосно ќе се вратиме во предавалните и амфитеатрите. Само така ќе се вратиме на нормалното живеење. Сите се соочуваме со пандемските предизвици, и секој од нас и вие, драги студенти, сами носите одлука со која или ќе се избегнат или ќе се предизвикаат последиците, напомена проректорот Ѓуровски.
Борба против корупција и судир на интереси на универзитетите
На денешниот прв ден на новата академска година Марјан Ѓуровски ја потенцираше заложбата за Универзитет без корупција како заедничка задача за спречување на корупцијата во високото образование, преку засилување на капацитетите на Универзитетот и студентски тела за имплементирање на Законот за заштита на укажувачите. Проректорот нагласи дека заедно со студентите треба да се врати довербата во правниот систем.
„Само преку стабилен правен систем ќе може да обезбедиме системско владеење на правото на целата територија на државата. Со заеднички сили треба да дојдеме до целта професионален високообразован кадар кој ќе може да биде столб на правниот и политичкиот систем и процесот на професионализација, департизација и декриминализација на институциите, кој ќе се бори против организираниот криминал и корупција или ќе се грижи за почитување на Уставот и примената на законите. Вие сте браникот, вие сте идниот чадор од правната несигурност во земјата која се провлекува цели три децении“ - рече Ѓуровски.
(Комерцијална објава)