X
 09.02.2022 Технологија

Инженерско чудо - железница која се наоѓа на 102 метри под Кинескиот ѕид

Кина е земја која стои зад многу чуда и рекорди. Во 2019 година во земјата бил произведен првиот автономен брз воз во светот, кој го поврзува Пекинг со Џанкџакоу. Токму овој воз го користат многу спортисти кои учествуваат на Зимските олимписки игри.

Доколку самата помисла на брз воз без возач не е доволно импресивна, овој воз поминува и низ едно инженерско чудо - станицата кај Бадалинг - најпопуларниот дел од Кинескиот ѕид. Оваа станица се наоѓа на околу 800 метри од влезот во Бадалинг.

За да се спречи оштетување на ѕидот, железничката пруга и станицата биле изградени длабоко под земјата. Поточно, тие се простираат на површина од 36.000 квадратни метри, на длабочина од 102 метри. Ова ја прави станицата најдлабока и најголема за брза железница во светот. Станицата вклучува и систем на тунели долг 12 километри, кој е сместен под Кинескиот ѕид.


Изградбата на станицата не била лесна. Инженерите користеле електричен детонатор за прецизно мерење на експлозиите за да се спречат силни вибрации.

Кина почнала со изградба на станицата во 2016 година, а пругата го скратила патувањето од Пекинг до овој дел од Кинескиот ѕид од 1,5 час на 27 минути. Во станицата се наоѓа и вториот најголем ескалатор во земјата, кој е долг 88 метри, а висок 42 метри.

Извор: Punkufer
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија