Во 2018 година чешката влада предложи изградба на брана на река југозападно од Прага со цел да се обнови локалниот екосистем и да се заштитат видовите што живеат во таа област. Сепак, бирократските процеси го забавија проектот, но тоа не беше пречка за група дабари на кои не им биле потребни дозволи и документи да започнат со работа.
Осум дабари со природен инстинкт и градежна умешност, користејќи камења, гранки и кал, изградиле природна брана на совршеното место. Малото езерце што го создале постепено се претворило во мочуриште кое сè уште расте благодарение на нивниот непрекинат труд.
Како дабарите го завршиле проектот бесплатно?
Приказната започнува во 1925 година, во областа Брди, околу 64 километри југозападно од Прага. Чешката влада тогаш ѝ ја предала оваа област на војската како тренинг-терен, а воениот сектор изградил дренажен систем на реката Клабава. Подоцна, владата сакала да го урне овој систем и да изгради нова брана за да го обнови екосистемот.
Сепак, поради бирократски пречки, административни проблеми и дискусии околу сопственоста на земјиштето, проектот останал во застој седум години. Токму тогаш, кога се чинело дека ништо нема да се промени, дабарите ја завршиле работата – и тоа бесплатно!
Според официјални процени, овие мали инженери ѝ заштедиле на чешката влада околу 1,2 милиони американски долари.
- Воената шумска администрација и Управата на сливот на реката В'лтава преговараа за проектот и се занимаваа со сопственички прашања. Но, дабарите беа побрзи и ни заштедија 30 милиони чешки круни. Тие ја изградија браната без никаква проектна документација и без трошоци. Веќе можеме да видиме мало езерце и околното мочуриште што се формира - изјави Бохумил Фишер, шеф на Заштитената област Брди.
Мајстори на природното градежништво
Можеби дабарите немаат дипломи по градежништво и архитектура, но тоа не им е ни потребно – тие се раѓаат со знаење како да изградат совршена брана. Многумина ги сметаат овие животни за вредни работници и природни инженери. Всушност, оваа мала колонија изградена од само осум члена ја поставила својата брана на најидеалното место и сè уште работи на проширување на мочуриштето.

Фото: Freepik
- Дабарите секогаш знаат најдобро. Локациите што тие ги избираат за изградба на брани се секогаш совршено одбрани - дури подобро од она што ние сме го дизајнирале на хартија - вели Јарослав Обермајер, раководител на канцеларијата за заштита на природата и пејзажот во Централна Бохемија.
Зошто дабарите градат брани?
Градбата на брани е инстинктивно однесување ма дабарите. Со создавањето на овие бариери, тие формираат водени живеалишта со подводни влезови, што ги штитат од копнени предатори како волци и мечки. Тие живеат и складираат храна во овие водени структури.
Иако некои луѓе ги сметаат дабарите за штетници бидејќи ги уништуваат дрвјата и брзо го менуваат пејзажот, но тие имаат клучна улога во обновата на природните водни екосистеми. Нивните брани помагаат во зачувувањето на водата, спречување поплави и намалување на ефектите од суши.
Во 2018 година шумски пожар уништи голем дел од Ајдахо, но долините каде што живееле дабари останаа зелени и влажни, спречувајќи ширење на пожарот. Слични примери има низ целиот свет, а научниците сè повеќе ги проучуваат овие природни инженери поради нивните позитивни ефекти врз екосистемот.
Природните брани на дабарите носат многу придобивки
Овие природни конструкции можат да траат со години и да му овозможат на околниот екосистем да напредува. Еве неколку начини на кои тие придонесуваат:
Заробување на јаглеродот – дабарските брани поттикнуваат раст на растенијата и формирање на тресет, кој заробува јаглерод и помага во борбата против климатските промени.
Прочистување на водата – истражувањата покажуваат дека браните на дабарите можат да филтрираат вода двојно поефикасно од човечките станици за прочистување.
Спречување поплави – тие ја регулираат водата од силни дождови, намалувајќи го ризикот од поплави.
Заштита од суши и пожари – браната ја задржува влагата во почвата, спречувајќи суши и намалувајќи ја можноста за шумски пожари.
Некои ги сметаат дабарите за проблем бидејќи ја менуваат средината во која живеат. Но, како што покажа оваа приказна од Чешка, тие можат да бидат и вистински херои. Без никакви трошоци и бирократија, тие ја изградија совршената брана, заштедија милиони долари и создадоа нов екосистем. Треба да учиме од овие природни инженери!
Фото: Freepik