X
 09.05.2023 Политика

Која е вистинската моќ на кралот Чарлс III?

Чарлс III беше крунисан за крал на Обединетото Кралство на 6 мај. Тој има мала политичка моќ во државата, но монархијата и понатаму е значаен фактор во земјата. Иако во минатото кралевите имале поголема политичка моќ во Обединетото Кралство, нивното влијание се намалило со текот на времето. Денес, кралот нема вистинска политичка моќ и неговата улога во водењето на земјата се сведува само на церемонијалниот дел. Сепак, кралското семејство останува важен државен симбол.

Кои се овластувањата на монархот и како тие се менувале со текот на времето?

Овластувањата на кралот денес се главно церемонијални. Според официјалната веб-страница на кралското семејство, монархот мора да остане неутрален во поглед на политичките прашања. Кога станува збор за неговите уставни овластувања, новиот крал има моќ формално да именува премиер кој ќе ја добие поддршката на гласачите. Кралот го повикува лидерот на победничката партија и го поканува да формира влада. Во случај ниту една партија да не постигне мнозинство, кралот може да именува поединец кој најверојатно ќе ја има довербата на Долниот дом.


Фото: The Royal family

Монархот, исто така, официјално ја распушта владата пред изборите по советување со премиерот. Овластувањето на монархот самоволно да го распушти Парламентот било отстрането во 2011 година. Новиот крал секоја парламентарна година ќе го отвора Парламентот со државна церемонија на која ќе одржи говор за планираните приоритети на извршната власт. Кралот Чарлс III веќе го стори тоа во мај минатата година во име на неговата мајка, поради нејзините здравствени проблеми.

Кралот ја дава својата согласност на усвоените закони, но тоа е формална процедура. Кралот Чарлс III секоја среда одржува состанок со премиерот на кој се информира за активностите на владата. Тој може да побара да го види кој било владин документ што сака. Секоја година ќе може да им доделува витешки признанија на значајни личности. Отсега кралот е и поглавар на англиската црква. Монархијата се занимава и со социјални или добротворни активности.

Со години причината за постоењето на институцијата монархија се доведува во прашање од критичарите кои повикуваат на нејзина реформа, но институцијата ужива значителна јавна поддршка и покрај некои скандали, како смртта на принцезата Дијана, разводот на кралските двојки, заминувањето на принцот Хари и Меган Маркл итн.

Што очекува земјата од новиот крал? 

Пред крунисувањето, неколку организации спровеле анкети за да утврдат што мислат Британците за Чарлс III. Се покажало дека рејтингот на новиот крал е доста висок бидејќи речиси половина од жителите на земјата имаат позитивен став кон него, а една третина се неутрални.

Според анкета во април спроведена од „Ипсос“, 49 отсто од Британците мислат дека Чарлс е добар крал, 32 отсто рекле дека се неутрални кон него, а само 9 отсто имале негативен став. За самиот Чарлс ова е чекор напред. Пред една година, во март 2022 година, 48 отсто од испитаниците имале позитивен став кон него, додека процентот на оние што не го одобрувале бил дури 19 отсто.


Фото: The Royal family

Сепак, Чарлс е далеку од најпопуларната личност во кралското семејство. На прашањето кој жив член од кралското семејство најмногу им се допаѓа на испитаниците, најмногу гласале за Кејт Мидлтон, а потоа за нејзиниот сопруг, принцот Вилијам.

На анкета за задржување на монархијата, 62 отсто од испитаниците изјавиле дека ја поддржуваат монархијата, иако популарноста на монархијата кај младите е пониска.

Извор: Klix
Насловна фотографија: The Royal family
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика