X
 31.08.2018 Живот

Како смртта на принцезата Дијана засекогаш го промени кралското семејство?

По шест дена од смртта на поранешната снаа, кралицата Елизабета II излезе пред телевизиските камери - прво обраќање во живо во 40 години владеење.

- Она што сега ќе ви го кажам, како ваша кралица и како баба, ќе го кажам од срце. Сакам лично да ѝ оддадам почест на Дијана. Беше исклучително и надарено човечко суштество. Во добри и во лоши времиња, никогаш не ја изгуби способноста да се смее, ниту пак да ги инспирира другите со својата топлина и добрина - рече кралицата споменувајќи ги овие две карактеристики што се непознати за кралското семејство.

Без покажување човечки емоции монархијата тешко би опстанала во овие времиња, а носители на позитивните промени во студеното кралско семејство се токму синовите на Дијана, Вилијам и Хари.

Кога се одбележуваше 20-годишнината од смртта на Дијана, принцовите првпат јавно проговорија за смртта на нивната мајка и промислено зборуваа за своите лични трауми со цел да помогнат да се надминат бариерите и да се подигне свеста за менталните болести.

Во разговор за „Телеграф“, Хари призна дека многу години по смртта на неговата мајка пател од депресија бидејќи ја потиснувал секоја емоција и често бил на работ на нервен слом или да удри некого.

- Мојот начин на справување со тоа беше ставање на главата во песок. Одбивав да размислувам за мојата мајка бидејќи не гледав дека тоа може да ми помогне. Мислев дека тоа само ќе ме растажи, а да ја вратам, не можам - призна Хари. На Хари му помогна неговиот постар брат Вилијам, кој му велел дека е сосема во ред да се зборува за нејзината смрт, но на крај му предложил да побара стручна помош.

- Да умреше Чарлс, и Дијана да останеше да се грижи за своите синови, таа сигурно ќе се погрижеше за нивните чувства, без оглед на сѐ, па и би барала стручна помош за нив - вели Кристофер Андерсон, автор на најпродаваната книга „Игра на круни“.

Тој вели дека кралското семејство не направило ништо или направило многу малку кога станува збор за справувањето на Вилијам и Хари со смртта на нивната мајка, и во тој момент и годините подоцна.

- По само неколку часа откако им кажаа дека нивната мајка загина во сообраќајна несреќа, момчињата беа принудени да присуствуваат на неделната миса со кралицата, а во текот на мисата името на нивната мајка воопшто не беше споменато. Во еден момент присутните на мисата се збуниле кога принцот Хари се наведнал кон неговиот татко и го прашал дали е сигурен дека нивната мајка е мртва - вели Андерсон.

Дијана била глас на оние што биле замолчувани во општеството, а како продолжение на нејзиното наследство, Хари, Вилијам и неговата сопруга Кејт Мидлтон ја основаа „Хедс тугедр“, иницијатива за собирање пари и подигнување на свеста за менталното здравје.

Својата топлина и грижа Дијана ги донесе во Бакингемската палата и остана запаметена по модерниот пристап кон монархијата. Рака им даваше и на заразените со ХИВ, синовите ги носеше во посета на лондонските бездомници, а прошета и по делумно исчистените мински полиња.

Нејзината емпатија веројатно доаѓала од нејзините лични внатрешни борби. Во книгата „Дијана: Нејзината вистинска приказна“ од 1992 година, кралскиот биограф Ендрју Мортон наведува дека по само шест месеци од бракот со Чарлс, поради сомневањето дека тој не ја прекинал врската со неговата поранешна љубовница, а денешна сопруга, Дијана добивала самоубиствени мисли.

При телевизиско интервју од 1995 година светот остана во шок кога Дијана призна дека пати од булимија, постнатална депресија и анксиозност.

- Причина беше ситуацијата во која јас и сопругот моравме да бидеме заедно за да не ја разочараме јавноста, но очигледно беше дека имаше немир помеѓу нашите четири ѕида - призна отворено Дијана и уште повеќе ја стекна наклонетоста на јавноста.

Фото: Wikipedia

Со предизвиците на правилното однесување во согласност со добриот вкус, кралското семејство се имало и претходно сретнато. Имено, вујкото на кралицата Елизабета II, кралот Едвард VII, се повлекол од тронот за во 1937 година да може да се ожени со забранетата љубов, разведената Американка Валис Симпсон.

Бидејќи тој се откажал од позицијата, на кралското место дошол таткото на Елизабета, кралот Џорџ VI. 20 години подоцна кралицата Елизабета II ѝ забранила на својата сестра да се омажи за разведен маж.

- Тоа што мораше на единствената сестра да ѝ каже и да ѝ го скрши срцето не беше разочарување само за Маргарет, туку и за Елизабета. Ова било првпат кога кралицата морала да го стави интересот на земјата пред себеси, поради што се оддалечи од Маргарет и нивната врска повеќе никогаш не била иста - објаснува Андерсен.

Гледајќи од перспективата на тоа време, никој не би помислил дека внукот на Елизабета II воопшто ќе се впушти во врска со разведена, американска актерка, а над сето тоа и од друга вера. Елизабета II го благословила бракот на Хари и ја прифатила Меган Маркл, а може да се каже дека и со други постапки ги прекршила строгите кралски правила. Откако доживеа развод на три од нејзините четири деца, се чини дека на кралицата ѝ е поважна среќата на нејзините потомци отколку слепото држење до важноста на кралскиот протокол.

-1936 не изгледа толку одамна, но кога Чарлс и Дијана првпат отишле на состанок, имале придружба, што покажува колку во тоа време работите биле различни. Се свршиле по шест месеци, а Дијана се преселила во Бакингемската палата. Сепак, поради отсуствата на Чарлс, тие не го доживеале искуството на заеднички живот како што го доживеале Вилијам и Кејт, кои се венчале по осум години - вели биографот Марша Муди.

Поради контактите и движењето меѓу обичните луѓе, младото кралско семејство блеска со потопол сјај.

- За среќа, Вилијам и Хари од нивната мајка ја наследија способноста да се поврзат со луѓето. Дијана би била воодушевена што Вилијам и Кејт одлучија да ги воспитаат своите деца надвор од кралските кругови и им овозможуваат да се школуваат и да играат со деца од средната класа - вели Андерсен.

Пред Кејт, ниту една идна кралица на јавните настани не носела облека како што таа носела од „Зара“, ниту одела лично во продавница. Исто така, и Кејт, како и нејзината покојна свекрва, отворено зборуваше за нејзините борби, признавајќи дека и самата како мајка одвреме-навреме се чувствува осамено и изолирано.

Хари, како ниту еден припадник на кралското семејство пред него, ги покажал своите најдлабоки емоции без никаков срам. Својата титула и профил сака да ги искористи за да воведе промени, а последните неколку години успеа да го даде вистинскиот впечаток.

Пред смртта на Дијана, пред Бакингемската палата знамето не се виорело ако кралицата била отсутна, ниту некогаш се спуштало на половина копје поради жалост. Но протоколот се променил, па знамето било спуштено по смртта на Кралицата Мајка, Маргарет Тачер и по смртта на поранешниот претседател на САД, Џералд Форд. Промените полека се вовлекле и создале помалку напната атмосфера. Така, за време на венчавката на принцот Чарлс и Камила, Елизабета II изјави дека е горда на него.

Според голем број биографи, овие промени ја спасиле монархијата.

- Во текот на две светски војни на британската јавност од кралското семејство ѝ биле потребни стабилност и сила, но од крајот на 1999 година овие потреби се промениле во сочувство и пристапност - вели Муди.

- Огорчената Дијана знаеше да се пожали дека тие немаат срце, дека во целото семејство нема грам човечност. За жал, мораше да умре за да се промени сѐ - вели Андерсен.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот