X
 09.05.2025 Живот

Студентите во Данска се платени за да студираат

Додека многу студенти ширум светот се соочуваат со години отплата на скапи студентски кредити, младите во Данска уживаат во сосема поинаква реалност. Таму образованието е бесплатно, а државата дури им плаќа на стидентите додека студираат. Студентите можат да заработат и до 1.000 долари месечно, што им овозможува да студираат подолг период без финансиски притисок.

Данска е една од ретките земји во светот каде високото образование е целосно бесплатно, заедно со Норвешка, Финска и Шкотска. Она што ја издвојува Данска е силната поддршка што им ја дава на студентите особено на оние што студираат со полно работно време и имаат потреба од финансиска помош.

Сепак, постои загриженост кај некои Данци, особено од постарата генерација, дека преголемата финансиска сигурност може да ги наведе младите да го одложат своето влегување на пазарот на труд. Сѐ повеќе се користи терминот „evighedsstuderende“, односно „вечни студенти“  - за оние што остануваат на универзитет и по шест или повеќе години.

Иако образовниот систем во Данска нуди бројни предности, сето тоа се финансира преку некои од највисоките даноци во светот - најбогатите Данци плаќаат и до 55,9 отсто од своите приходи. Но, и покрај високите даноци, Данска редовно се наоѓа на врвот на Извештајот за светска среќа. Заедно со Финска, двете земји постојано се менуваат на првите две места во рангирањето според шест критериуми: приход, здрав животен век, социјална поддршка, слобода, доверба и дарежливост. (И Финска нуди бесплатно високо образование.)

На крајот, многу Данци ги сметаат високите даноци за правична размена за стабилен и праведен социјален систем. Бесплатното образование значи дека секој млад човек, без оглед на социо-економската заднина, добива вистинска шанса да ги следи своите цели.

- Тука сите имаме можност да студираме. Мислам дека е многу важно сите да имаме еднакви права - вели еден студент од Данска.



Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот