X
 09.08.2025 Живот

Имплозијата на подморницата „Титан“: „Несреќата можеше да биде спречена“

Американската крајбрежна стража заклучи дека главните причини за имплозијата на подморницата „Титан“ во 2023 година, во која загинаа сите пет члена на екипажот, се непочитувањето на предвидените безбедносни мерки и несоодветното одржување на подморницата.

Подморницата на американската компанија „Оушнгејт“ беше на туристичка експедиција до остатоците од „Титаник“, британскиот патнички брод што потонал во 1912 година, при што загинале најмалку 1.500 лица.

Во подморницата „Титан“ биле петмина, кога во јуни 2023 година, 1 час и 45 минути по нуркањето, подморницата го изгубила контактот со површината во близина на бреговите на Њуфаундленд, Канада.

Четири дена подоцна, на околу 500 метри од остатоците од „Титаник“, биле пронајдени пет големи делови од подморницата.

- Имплозијата можеше да биде спречена - изјави Џејсон Нојбауер, претседател на истражниот одбор на американската крајбрежна стража, додавајќи дека се потребни построги контроли и јасни упатства за компаниите што вршат истражувања надвор од постојната правна рамка.

Портпаролот на американската компанија „Оушнгејт“, која управуваше со туристичката подморница „Титан“ и ги прекина сите операции по несреќата, не даде коментар за извештајот.

Дејвид Лохриџ, британски експерт за подморници кој работел за „Оушнгејт“, уште во 2018 година предупредувал на пропустите во изградбата на овој брод, по што бил отпуштен.

Сите на бродот биле изложени на голем воден притисок што резултирало со нивна „моментална смрт“. На длабочина од 3.000 метри, каде што се распаднала подморницата, притисокот бил 300 пати поголем од оној на површината.

Дел од проблемот било и токсичното работно опкружување во „Оушнгејт“, во кое имало закани со откази

Извршниот директор Стоктон Раш, кој бил меѓу жртвите, ги игнорирал сите важни инспекции, анализа на податоци и процедури за превентивно одржување.

Истражителите анализирале и технички аспекти од подморницата и го опишале нејзиниот дизајн од јаглеродни влакна како „неисправен“. Тие тврдат дека компанијата не ги следела проблематичните сигнали во подморницата што се појавувале неколку месеци пред имплозијата.

Дел од проблемот било и токсичното работно опкружување во „Оушнгејт“, во кое имало закани со откази за да се спречат вработените и изведувачите да ја искажат загриженоста за безбедноста на подморницата. Од вработените било барано привремено да се откажат од платите, со ветување дека ќе им бидат исплатени подоцна.

- Економската состојба на компанијата беше многу лоша и поради тоа се донесуваа одлуки што ја загрозуваа безбедноста - вели еден поранешен вработен во разговор со истражителите.

Од средината на 2022 година извршниот директор Раш вложувал лични средства за компанијата да продолжи со работа поради несигурната финансиска состојба.

И домашните и меѓународните правни рамки за подморски операции биле недоволни за регулирање на комплексноста на модерните технологии и практики кога се случила оваа трагедија.

Извештајот содржел 14 безбедносни препораки за спречување слични инциденти во иднина, меѓу кои и подобра комуникација помеѓу различни организации и групи вклучени во комерцијалната индустрија на подморници, како и тоа дека американската крајбрежна стража треба да извршува соодветен правен надзор над подморниците.

На постојните подморници треба да им се одземат ознаките ORV (што ги идентификуваат како истражувачки бродови), а сопствениците да се регистрираат според новите барања за патнички бродови.

Исто така, сопствениците на подморници треба да ја известат крајбрежната стража пред да започнат експедиции, вклучувајќи доставување план за патување и план за реакција при вонредни ситуации.

Извор: ВВС
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот