Болеста претставува најголем и најчест предизвикувач на стрес во животот на човекот. Не само болеста, туку и престојот во болница сам по себе може да предизвика краткотрајни или долготрајни психофизички последици. Во споредба со возрасните, како резултат на недоволната емоционална и когнитивна созреаност, од една страна, и недостигот на доволен број соодветни информации, од друга страна, децата се во поголем степен засегнати од хоспитализацијата и придружните фактори. Покрај тоа што мора да се соочат со нормалните развојни законитости, децата што се хоспитализирани треба да се соочат и со предизвиците кои ги носат одвојувањето од домот и семејството, самата хоспитализација, болеста и болничките процедури на кои ќе бидат подложени.
Покрај неопходноста од планирано, организирано и активно искористување на слободното време при престојот во болница, еден од начините за да се намалат стресот и негативното влијание на долготрајната хоспитализација кај децата на училишна возраст е да се организира воспитно-образовен процес во болничките услови. Настава во болнички услови се организира за сите ученици кои поради медицински интервенции, третман и рехабилитација остануваат хоспитализирани во временски период подолг од 15 дена. Долгите хоспитализации предизвикуваат прекин во континуитетот на воспитно-образовниот процес и токму од таа причина, основната цел на спроведувањето формално образование во болничките институции е да се обезбеди континуитет на наставата и да им се овозможи на учениците по завршување на третманот успешно да се вратат во училиште.
Наставата во болнички услови не е униформна, но постојат општи чекори кои треба да се почитуваат за да може секој облик на болничка настава да ја задоволи основната цел, а тоа е образование на учениците. Со настава се започнува во оној момент кога лекарот или медицинскиот тим ќе даде одобрување за учество на ученикот во настава и притоа нема да настане влошување на здравствената и општата психофизичка состојба. Воспитно-образовниот процес во болнички услови го извршува матичното училиште или доколку ученикот кој е хоспитализиран е од друг град, наставата ја организира локално училиште кое е одредено за соработка со болничката институција. Првиот чекор при наставата во болнички услови, доколку ученикот е од друг град, е запознавање со ученикот и неговите родители. Овој процес започнува веднаш со хоспитализацијата додека ученикот чека оперативен зафат/терапија, со цел правилно да се осмисли и организира наставата, или започнува откако ученикот ќе се адаптира во средината. Од една страна, запознавањето обезбедува детерминирање на психичката состојба на ученикот, неговите интереси, ставови кон учењето, кон одредени предмети, а од друга страна, има цел самиот ученик и родителите да ги запознае со целите и начините на реализација на наставата во болнички услови и навремено обезбедување на учебниците според кои работи ученикот во училиштето од кое доаѓа. Вториот чекор се состои од остварување контакт со матичното училиште на пациентот-ученикот, со цел добивање информации за степенот на реализација на наставната програма во моментот кога ученикот е хоспитализиран, информации за знаењата, способностите и оценките на ученикот, начинот на кој се оценува, кои се неговите силни и слаби страни, што е она што ученикот треба да го усвои. Следниот чекор е процена на моменталните способности и знаења на ученикот, што во себе вклучува процена на моторните, сознајните, говорно-јазичните, емоционалните и социјалните способности, но и способностите за активно учество во наставата, степенот на едукабилност, интереси, мотивација. Оваа процена не е ограничена на еден или два дена, туку трае во текот на целиот период на организирана настава. Процената на моменталните знаења е од особено значење за планирање на наставниот процес, при што се изработува неделен или месечен оперативен план. За учениците со комплексни потреби се изработува или се следи индивидуалниот образовен план (ИОП). При подготовката за часот се пристапува кон избор на најадекватни организациони облици на работа, избор на наставни методи и средства, индивидуализација на наставата, односно приспособување во согласност со способностите на секој ученик одделно. Уште еден значаен чекор во наставата во болнички услови е вреднување на работата и успехот на ученикот. По завршување на третманот и престојот во болница, ученикот се враќа во матичното училиште и потребно е да се достави извештај за работа на ученикот, усвоените содржини и развиени вештини и способности. Извештајот не содржи оценки бидејќи за време на престојот во болница не се оценува, туку само се забележува постигнатото напредување, а завршното оценување се врши во училиштето, освен во ситуации кога ученикот поради здравствената состојба не се враќа во училиште, туку на домашно лекување, кога наставникот од матичното училиште или оној што ја реализирал наставата го оценува ученикот, но со претходен договор и согласност од медицинскиот тим.
Самата организација на наставата во болничка соба е специфична бидејќи често е прекинувана од различните медицински интервенции што треба да се реализираат во истиот момент, што е причина за одвлекување на вниманието на учениците и деконцентрација. Во текот на наставата ученикот обично седи во кревет или лежи, а во оптимални случаи болничката соба е приспособена и потсетува на училница, освен во случаите кога децата можат да стануваат и да се движат, па се организира во посебна просторија, обично просторија за заеднички активности и слободно време. Организацијата на воспитно-образовниот процес може да биде според два критериума: според возраста на учениците, во една група се ставени ученици кои посетуваат исто одделение, без разлика на способностите и степенот на оштетување или се групирани според способностите и степенот на ограничувања, при што учениците имаат слични способности, но се на различна возраст. Психофизичката состојба на ученикот го диктира приспособувањето на наставниот план и програма. Наставникот треба да ги групира содржините на наставните предмети според сродност, може да го измени и распоредот на задолжителни и изборни предмети, со цел да направи селекција на битните содржини, кои на најпогоден начин и со најдобри методи на работа ќе му ги пренесе на ученикот и ќе обезбеди постигнување барем на минимални стандарди на знаење.
Автор: проф. д-р Оливера Рашиќ-Цаневска, Филозофски факултет - Институт за специјална едукација и рехабилитација, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје