Секој понекогаш греши или верува во нешто што подоцна ќе се покаже како неточно. Но, луѓето што имаат развиено критичко размислување почесто ги преиспитуваат сопствените верувања, ги проверуваат фактите и се подготвени да го променат мислењето кога ќе се појават нови докази.
Од друга страна, претераната самодоверба или одбивањето на туѓите мислења може да ја зголеми веројатноста дека некој ќе поверува во идеи кои на прв поглед звучат уверливо, но не издржуваат посериозна проверка. Иако едно верување само по себе не зборува ништо за нечија интелигенција, експертите истакнуваат дека одредени обрасци на размислување почесто се појавуваат кај луѓето кои ги носат одлуките импулсивно.
Пренатрупан распоред
Високо интелигентните луѓе се познати по тоа што го ценат времето поминато во самотија, поради што често имаат потесен круг на пријатели со кои негуваат длабоки врски. Пријатно им е да забават и да бидат во сопствено друштво и свесно создаваат простор за себе со одбивање на некои општествени обврски.
Од друга страна, лицата со пониска интелигенција често чувствуваат потреба за постојани надворешни стимули и дистракции. Потврдата и вниманието од другите им даваат чувство на сигурност, поради што се гордеат со пренатрупаниот распоред и многубројните површни познанства, дури и кога таквиот начин на живот негативно влијае врз нивната благосостојба.
Избегнување да побараат помош
Се случува токму најнеспособните луѓе воедно да бидат и најсамоуверени. Склони се да ги преценуваат сопствените вештини и способности, често за да прикријат длабока внатрешна несигурност или изразено кревко его. Потребно им е околината да ги доживува како попаметни или поважни отколку што се.
За разлика од интелектуалната понизност која ги краси вистински паметните луѓе, таквите поединци многу ветуваат, а малку исполнуваат, главно затоа што одбиваат да побараат помош. Иако секому може да му биде непријатно да побара помош, најмногу напредуваат токму оние што се подготвени да се соочат со таа непријатност.
Донесување заклучоци врз основа на претпоставки
Лицата што се склони кон донесување избрзани заклучоци често избегнуваат самостојно и критичко размислување. Повеќе сакаат да претпостават дека она во што сакаат да веруваат е точно, само за да го избегнат напорот на анализата.
Дури и во деловното опкружување, каде што од нив се очекува промисленост, сопствениот комфор и едноставноста им остануваат приоритет. Таквите поединци не му придаваат голема вредност на критичкото размислување, што јасно ги разликува од нивните колеги.
Повеќе зборување отколку слушање
Интелигентните луѓе во разговорот им даваат на соговорниците чувство дека се видени и сослушани. Внимателно слушаат и поставуваат промислени прашања врз основа на она што го слушнале, што значи дека во интеракциите поминуваат повеќе време во слушање отколку во зборување.
Тоа им овозможува да изградат подлабоки односи. Од друга страна, лицата кои се насочени исклучиво на тоа да се слушне нивниот глас и кои постојано зборуваат за себе, што е потреба на луѓето со пониска интелигенција за да се чувствуваат важни, потешко се поврзуваат со другите на суштинско ниво.
Потиснување на непријатните чувства
Сложените емоции, како што се срамот, лутината, тагата или љубомората, се тешки за контролирање. Сите ние понекогаш се наоѓаме во ситуација кога е полесно да ги потиснеме чувствата. Меѓутоа, лицата што не се склони кон интроспекција често не гледаат друга можност освен потиснување кога ќе се појават такви чувства.
Додека поинтелигентните луѓе ќе застанат и ќе се запрашаат за причината за своите чувства, помалку интелигентните едноставно претпоставуваат дека немаат друг избор. Тоа може да биде знак на ум кој не е способен за подлабока анализа или објективно препознавање на сопствените емоции и соочување со нивните корени.
Одбрана на сопствените ставови
Луѓето што се мачат со критичкото размислување често го доживуваат несогласувањето како личен напад, а не како можност за учење. Поради тоа, инстинктивно тргнуваат во одбрана на своите ставови штом некој ќе ги оспори, дури и пред да разгледаат дали соговорникот има валидни аргументи. Разговорот тогаш се претвора во одбрана на егото наместо во истражување на темата.
Наспроти тоа, интелектуално љубопитните луѓе немаат проблем да кажат: „Не сум размислувал за тоа на тој начин“ или „Можеби грешам“. Тие разбираат дека промената на мислењето пред подобри аргументи не е знак на слабост, туку доказ за подготвеност за учење. Потребата да се брани секое уверување, колку и да е неважно, открива претерана поврзаност со идејата дека секогаш мора да се биде во право, што го попречува здравото расудување.
Дејствување врз основа на импулс
Многу луѓе со пониска интелигенција можат да изгледаат посреќни бидејќи не се склони кон претерано анализирање и песимизам. Дејствуваат импулсивно бидејќи не се грижат за тоа што би можело да тргне наопаку, за разлика од поинтелигентните кои тешко можат да побегнат од таквиот начин на размислување.
Токму затоа паметните луѓе се изложени на поголем ризик од анксиозност и други проблеми со менталното здравје бидејќи се склони претерано да ги разгледуваат најлошите можни исходи, дури и во секојдневните ситуации. Од друга страна, проблемите на помалку интелигентните луѓе често произлегуваат од импулсивното однесување, како што се прекумерното трошење или одложувањето на обврските.
Барање кратенки и брзи решенија
Иако најинтелигентните луѓе често работат попаметно, а не нужно повеќе, тоа не значи дека бараат кратенки за да ги избегнат задачите што бараат подлабоко размислување.
Во тоа лежи клучната разлика - паметните луѓе наоѓаат начини како ефикасно да ги завршат монотоните работи за да ослободат време и ментални капацитети за развој на нови, важни идеи. Од друга страна, лицата со пониска интелигенција бараат брзи решенија токму за да ја заобиколат потребата од критичко промислување.
Глумење поголема стручност
Во општеството самодовербата често се наградува, па не е реткост помалку интелигентните луѓе да обезбедат добро платени работи или водечки позиции. Можат да бидат харизматични и вешти во преправањето дека поседуваат повеќе знаење отколку што е тоа случај.
Меѓутоа, преценувањето на сопствените способности речиси секогаш доведува до тоа во одреден момент премногу да ветат, а премалку да исполнат. Иако глумењето стручност во дадениот момент им се чини попријатно отколку барањето помош или учењето, таквото однесување долгорочно го нарушува нивниот углед.
Фото: принтскрин/јутјуб