X
 09.09.2021 Наша тема

Студентски живот по протокол. Станарите не смеат да се гушкаат и да се дружат по соби

Годинава во соба ќе бидат сместени по двајца студенти, во собите нема да може да влегуваат лица однадвор, вклучително и родителите на студентите, а кога ќе имаат оброк во мензата, нема да смеат да седат повеќе од двајца на маса, информира директорот на Државниот студентски центар, Виктор Велевски

Од оваа академска година студентските домови ќе работат со полн капацитет. Деновиве се вселуваат станарите во трите студентски дома што се под капа на Државниот студентски центар - „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. Станарите мора да почитуваат одредени правила кои ги усвои и одобри Комисијата за заразни болести.

Оваа година домовите ќе работат со полн капацитет, односно ќе бидат исполнети сите 2.445 легла.

- Оваа година има oдредени измени во правилата во споредба со минатата година, кога беше искористен само 40 отсто од капацитетот во домовите. Годинава во соба ќе бидат сместени по двајца студенти, во собите нема да може да влегуваат лица однадвор, вклучително и родителите на студентите, а кога ќе имаат оброк во мензата, нема да смеат да седат повеќе од двајца на маса - вели Виктор Велевски, директорот на Државниот студентски центар.



Виктор Велевски
Цената што ќе ја плаќа секој станар е 3.500 денари

Тој информира дека се обезбедени средства за дезинфекција за сите соби и простории. Во однос на цената што ја плаќаат станарите, нема да има промени.

- За храна и за сместување, станарите плаќаат по 3.500 денари - додава тој.

Велевски смета дека реално е остварливо сето она што е предвидено со протоколите.

- Имаме и портирска служба која работи во студентските домови. Редарите ја преземаат обврската да внимаваат да не се прави метеж во ходниците, да не се собираат студентите по соби. Ние ќе апелираме да нема собирање по соби, а ако има, ќе интервенираме. Не можеме да спречиме станарите да се дружат надвор од домот, но сепак тоа е надвор и на отворено, како што седат и во кафуле на отворено, па затоа не мислам дека тоа би било некој голем проблем - смета Велевски.

Растојание меѓу масите во мензата

Како што пишува во протоколот, редарите се ангажираат од вработените во домот, за што одлучува директорот. Забранет е влез за родители/старатели освен на студенти со посебни образовни потреби, со задолжително носење заштитна маска.

- Се забрануваат сите видови физички контакти за поздравувања меѓу вработените во домот и меѓу студентите. Задолжително е одржување безбедно растојание меѓу масите и безбедно растојание додека се јаде оброкот. Треба да се постави средство за дезинфекција за рацете на секоја маса. Масите да се покриени со хартиен или најлонски чаршаф за една употреба, при што ќе се врши промена по заминувањето на секој студент. Приборот за јадење да биде спакуван и послужен во најлонска или хартиена обвивка или во салфетка. Искористениот прибор, покрај миењето со топла вода, да биде задолжително дезинфициран со средство за дезинфекција - стои во документот.

Изолација во посебна просторија

Како што налагаат правилата, ако во некој од домовите се појави лице заболено од ковид-19 или имало контакт со заболен од ковид-19, тоа ќе се изолира во посебна просторија со задолжително носење заштитна маска. Истовремено, предвидено е директорот да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање насоки за понатамошно постапување и лекување.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема