09.09.2025
Култура
„Силјан“ во режија на Тамара Котевска е македонскиот кандидат за „Оскар“ 2025
Македонскиот филм „Силјан“, во режија на Тамара Котевска и во продукција на „Конкордија“ (Concordia), е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, соопштија од Агенцијата за филм.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, која е официјално призната од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука (AMPAS).
Деветчлената комисија беше составена од: Томи Салковски – претседател и продуцент, Лабина Митевска – продуцент, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцент, Душан Кардалевски – кинематографер, Марина Колоска – прв асистент на камера, Иван Ивановски – режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски – тон мајстор, и Горан Игњатовски – автор на филмска маска.
Годинава комисијата избираше помеѓу три извонредни македонски остварувања:„Ди Џеј Ахмет“ на Георги Унковски, „Силјан“ на Тамара Котевска и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар.
-При својот избор, комисијата се водеше од уметничката вредност на филмовите, квалитетот на нивната наративна и визуелна компонента, како и од актуелноста и длабочината на приказните кои ги обработуваат, стои во соопштението.
Фото: Агенција за филм