X
 01.07.2020 Култура

Американската филмска академија ги покани Тамара Котевска, Љубо Стафанов и Атанас Георгиев да станат нејзини членови

Продуцентот Атанас Георгиев и режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, по огромниот успех со филмот „Медена земја“, вчера добија покана од Американската академија за филмски уметности и наука да станат нејзини членови. Од 819. новопоканети членови, само осуммина, меѓу кои се македонските филмаџии, се поканети во Академијата од повеќе области. На пример, Котевска и Стефанов и во областа на режисери и на документаристика, додека Георгиев е во областите на монтажа и документаристика.

Поканата се однесува на филмаџии кои дале придонес во филмската уметност. Од поканите за 2020 година, 45 отсто се за жени, 36 отсто се малцински етнички/расни заедници и 49 отсто се меѓународни од 68 земји.

Од новопоканетите филмски професионалци 75 се номинирани за „Оскар“, меѓу кои 15 победници и петмина добитници на научни и технички награди. Тие што ќе ги прифатат поканите, ќе бидат единствените што ќе влезат во членството на Академијата за 2020.

- Академијата е почестена да им посака добредојде на овие извонредни патници во филмските уметности и науки. Отсекогаш сме му давале простор на извонредниот талент што ја рефлектира богатата разновидност на нашата глобална филмска заедница - рече претседателот на Академијата, Дејвид Рубин.

Екипата на „Медена земја“ пред оскаровската церемонија

Од 2016 година Академијата постави специфични цели да го удвои бројот на жени и на малцински заедници до 2020.

„Медена земја“ беше номиниран во две категории за престижната филмска награда „Оскар“ - за најдобар филм и за најдобар документарец. Филмот го продолжува својот меѓународен живот. Периодов се прикажува во Јапонија, а пред неколку дена беше прогласен за најдобар филм во регионалната конкуренција на фестивалот Underhill фест во Подгорица. 

Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура