X
 09.09.2026 Живот

Германија воведува големи промени - за богатите поголеми даноци, за семејствата заштеда до 600 евра

Германската влада започна реформа на данокот на доход со која милиони граѓани со ниски и средни примања би требало да добијат даночно растоварување, додека лицата со највисоки приходи во иднина ќе плаќаат повеќе.

По долготрајни преговори, кабинетот го прифати предлогот на министерот за финансии Ларс Клингбајл, а првите промени би требало да стапат во сила на почетокот на 2027 година.

Со реформата владата сака на граѓаните да им ги ублажи последиците од растот на трошоците за живот, вклучувајќи ги поскапувањата на храната, енергијата, домувањето и горивото. Се проценува дека од промените најголема корист ќе имаат домаќинствата со пониски и средни приходи, иако предлогот веќе го критикуваа претставници на опозицијата, синдикатите и стопанството.

- Според нашата реформа, семејствата со деца би можеле до 2028 година да имаат 600 евра годишно повеќе во џебот отколку денес. Никој не би требало да го омаловажува тоа - порача Клингбајл.

Реформата ќе се спроведува во две фази, а според планот, од 2028 година на граѓаните би требало да им носи околу десет милијарди евра даночни олеснувања годишно. Финансиската рамка ја договорија лидерите на ЦДУ/ЦСУ и СПД на состанокот на коалицискиот одбор на почетокот на јули.

Данокот на доход не се пресметува директно на бруто-платата


Од министерството за финансии наведуваат дека Клингбајл со овој предлог го спроведува постигнатиот политички договор. Министерот предупреди на растот на трошоците за храна, енергија и домување и оцени дека токму поради зголемените трошоци за живот, сега е особено важно да се растоварат повеќето луѓе во Германија.

Данокот на доход во Германија не се пресметува директно на бруто-платата, туку на оданочливиот доход што се добива по одбивањето на неоданочливите износи и признаените трошоци. Една од најважните промени се однесува на основниот неоданочлив износ, односно делот од приходите кој за сите граѓани е ослободен од данок и кој би требало да ги покрие основните животни потреби. Тој износ од овогодишните 12.348 евра следната година ќе порасне на 12.564 евра, а во 2028 година на 12.900 евра.

Се менува и прагот за примена на највисоката гранична даночна стапка од 42 проценти. Таа во иднина би требало да се применува на оданочлив доход од 70.600 евра, наместо од досегашните 69.879 евра. Според министерството за финансии, со тоа растот на даночната стапка во опсегот на оданочливи приходи меѓу 17.800 и 70.600 евра ќе биде постепен, а најголема корист би требало да имаат граѓаните со средни приходи.

Истовремено се менува оданочувањето на највисоките приходи. Постојниот таканаречен „данок за богатите“ ќе биде поделен во две категории. Даночната стапка од 45 проценти во иднина ќе се применува веќе од 250.000 евра оданочлив годишен доход, наместо од досегашните 277.826 евра.

Се зголемуваат трошоците за патување на работа


Покрај тоа, се воведува нова стапка од 47 проценти за оданочлив доход од најмалку 280.000 евра годишно. Клингбајл оцени дека нешто поголемиот придонес на граѓаните со највисоки примања на највисоките нивоа на доход е работа на праведност.

Промените се однесуваат и на паушалниот одбиток за вработените, со кој се признаваат трошоците поврзани со работата, на пример, трошоците за патување на работа или набавка на канцелариски материјал. Тој износ ќе се зголеми од 1.230 на 1.430 евра.

Поголеми издвојувања се предвидени и за семејствата со деца. Детскиот додаток, кој моментално изнесува 259 евра месечно по дете, следната година би требало да порасне на 267 евра, а во 2028 година на 272 евра месечно. Истовремено, даночното олеснување за деца од 9.756 евра најпрво ќе се зголеми на 10.056 евра, а потоа на 10.236 евра.

Промени се предвидени и за оние што работат во недели и на празници. Највисоката саатница врз основа на која можат да се исплаќаат неоданочливи додатоци ќе се зголеми од 50 на 75 евра, што на вработените би требало да им овозможи да задржат поголем дел од тие додатоци. Од друга страна, можноста за даночен одбиток на трошоците за занаетчиски услуги ќе биде незначително намалена.

Министерството за финансии очекува резултатот од реформата да биде поголем нето-приход за големото мнозинство даночни обврзници. Како пример наведува брачен пар во кој негувател и возач на автобус поединечно заработуваат по 2.800 евра бруто месечно и имаат две деца. Таквото домаќинство до 2028 година би можело да оствари годишно даночно растоварување од 632 евра.

Претпријатијата ќе бидат дополнително оптоварени


Самци кои работат како инженери и имаат месечна бруто- плата од 5.000 евра би можеле, според истата пресметка, во 2028 година да плаќаат околу 192 евра помалку данок годишно.

Предложените мерки, сепак, не наидоа на едногласна поддршка. Германскиот сојуз на синдикати (ДГБ) смета дека даночните олеснувања нема да бидат доволни за да ги надоместат ефектите од инфлацијата и затоа нема значително да ја зголемат куповната моќ на вработените. Синдикатите сметаат дека највисоката гранична даночна стапка и понатаму почнува да се применува на премногу ниско ниво на приходи, поради што ги погодува и работниците кои не можат да се сметаат за лица со највисоки примања.

Критики пристигнаа и од Здружението на германските стопански и индустриски комори (ДИХК), кое зголемувањето на „данокот за богатите“ всушност го смета за „данок за средната класа“. Здружението предупредува дека таквата промена дополнително ќе ги оптовари претпријатијата кои инвестираат, спроведуваат стручно оспособување и отвораат работни места.

Извор: n1info
Фото:  magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот