X
 10.04.2018 Живот

„Доста ми е од невоспитани деца и од нивните родители!“

Да се биде наставник за многу луѓе е работа од соништата. Така мислела и наставничката Џули Марбургер  од Тексас кога се одлучила на оваа професија. Меѓутоа, денес го нема истото мислење.

Однесувањето на децата во училиштето каде што предава за неа станало неприфатливо. За сè ги обвинила родителите и одлучила јавно да проговори за тоа какви се децата што учат во шесто одделение. Нејзината порака набрзо станала вирален хит, а таа се збогувала со работното место.

„Одлучив да останам на моето работно место до крајот на училишната година, но поради денешната случка, мислам дека нема да издржам толку. Родителите на овие деца немаат ни малку почит, а децата уште помалку. Администрацијата се труди да им угоди на родителите и ги поддржува“, пишува таа.

Два дена пред да ѝ пукне филмот, таа ја фотографирала училницата за да се види нередот што учениците го оставаат зад себе. Со тоа, таа тврди дека дел од уништените работи ги купила со свои пари бидејќи училиштето не ѝ давало буџет. Капката што ја прелила чашата била ситуацијата од пред две недели кога била вербално нападната од мајка на еден ученик, и тоа во негово присуство. Мајката на ученикот сметала дека нејзиниот син не може да биде виновен за неговото однесување.

Џули вели дека родителите мора да престанат да им дозволуваат на своите деца да се однесуваат како што сакаат бидејќи тоа ќе се прошири во заедницата како пожар и поради тоа децата нема да бидат среќни и задоволни возрасни луѓе. Таа тврди дека отсекогаш сонувала да биде наставничка, да има свое одделение на кое ќе му подари знаење и љубов, ќе му го претстави светот на возрасните, меѓутоа, сега е свесна колку наставниците во нејзината земја се злоупотребувани.


По објавата и коментарите, наставничката објави дека во инбокс ѝ пристигнале пораки од многу наставници од другите училишта кои се пожалиле на слични проблеми и изјавиле дека и тие ќе ја променат професијата.

„Ако не се промени нешто, наскоро нема да има наставници во нашата земја“, вели таа.

Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот