X
 10.05.2022 Наука

Научник тврди дека ја решил мистеријата за Бермудскиот триаголник

Научник од Австралија тврди дека ја решил мистеријата поврзана со Бермудскиот триаголник. Теоријата на Карл Круселнички е дека воопшто нема мистерија поврзана со исчезнувањето на голем број авиони и бродови во регионот.

Според него, исчезнувањата може да се објаснат со неколку причини, а тоа се човечка грешка, лоши временски услови и фактот дека во тој дел поминуваат многу авиони и бродови. Бермудскиот триаголник покрива предел од 700.000 квадратни километри во океанот.

- Блиску е до екваторот, во близина на богат дел од светот - Америка, па затоа има многу сообраќај - изјавил Круселнички.

Тој додал дека според официјалните податоци, бројот на авиони и бродови што исчезнале во Бермудскиот триаголник е на исто процентуално ниво како на кое било друго место во светот.


Фото: Wikipedia

Круселнички вели дека има едноставно објаснување за исчезнувањето на авионите со кои почнале шпекулациите за местото. Станува збор за пет воени авиони кои тргнале на рутински вежби во 1945 година. Авионите загубиле комуникација и исчезнале, а не биле пронајдени остатоци од авионите и членовите на екипажот.

Подоцна се тврдело дека спасувачки брод кој тргнал да ги најде авионите, исто така, исчезнал. Според Круселнички, тој ден имало бранови високи по 15 метри кои можеби играле голема улога во несреќите.

Освен тоа, единствениот пилот со искуство бил лидерот и една негова грешка можеби играла улога во трагедијата. Според радиокомуникацијата пред исчезнувањето, авионите не биле сигурни за својата позиција пред да исчезнат. Лидерот Чарлс Тејлор мислел дека неговиот компас не функционира и сметал дека е на погрешна локација, па затоа им наредил на авионите да летаат во погрешна насока, не знаејќи дека се насочени подалеку над океанот.

Извор: Mirror
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука