X
 10.06.2025 Наука

Дали папагалите ги разбираат зборовите што ги изговараат?

Кога папагалите изговараат зборови или фрази, луѓето се изненадени, и иако тие не се единствените птици што можат да го имитираат човечкиот говор, често се поставува прашањето дали навистина разбираат што зборуваат.

Имено, во дивината, папагалите се социјални животни кои живеат во јата и свиркаат, врескаат и испуштаат други звуци за да комуницираат. Нивниот начин на комуникација е сложен и според експертите, тие користат вокални сигнали за да им се обратат на другите, слично на тоа како луѓето ги користат имињата.

Кога живеат со луѓе, папагалите немаат јато од кое ќе учат „јазик на папагали“. Наместо тоа, тие го користат својот  мозок за да го научат човечкиот говор, а експертите разјаснуваат дали го разбираат овој говор.

- Птиците што се правилно обучени можат да научат неверојатен број зборови - вели Ирена Пеперберг, професорка по психолошки и невролошки науки на Универзитетот во Бостон.

Голем дел од кариерата таа поминала обучувајќи папагали да го користат човечкиот јазик, а нејзиниот најпознат „студент“, африканскиот сив папагал Алекс, бил познат по своите комуникациски вештини. Алекс разбирал повеќе од 100 збора за различни предмети, дејства и бои. Тој можел да брои до шест и имал основно разбирање на концептот нула.

Кога ќе му се покажел предмет, можел да ги идентификува неговата боја, облик и материјал, и можел да споредува повеќе предмети користејќи термини како „поголем, помал, ист или различен“.

Пеперберг и нејзините колеги го обучувале Алекс користејќи метод што му помогнал да разбере дека одредени зборови се однесуваат на специфични предмети или концепти. Сепак, експертите велат дека дури и обичните папагали можат да ги научат основите на човечкиот јазик.

Ерин Колберт-Вајт, професорка по психологија на Универзитетот „Пјуџет Саунд“, вели дека папагалите можат да научат зборови што се однесуваат на вистински предмети.

-Ако доволно често го изговорите зборот кикиритки и им дадете кикиритки, тие ќе го поврзат тој збор со предметот, исто како што прават децата - вели Колберт-Вајт.


Колберт-Вајт вели дека папагалите полесно учат зборови за конкретни физички предмети отколку за апстрактни концепти. Сепак, тие можат да го разберат и значењето на некои поапстрактни термини користејќи концепти.

- Папагалите понекогаш користат зборови или фрази во вистинскиот контекст бидејќи се паметни. Тие често формираат силни врски со своите сопственици и се многу чувствителни на нивните одговори, па затоа брзо учат да користат зборови во вистинскиот контекст - вели таа.

Таа продолжува велејќи дека секој папагал има своја единствена способност да го разбира човечкиот говор. Некои папагали воопшто не зборуваат, особено ако имаат други папагали со кои можат да комуницираат на свој начин.

Извор: klix.ba

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука