- Сѐ што знам за гумите, го научив од серијата „Формула 1 - Вози да преживееш“ - се пофали еден од членовите на управниот одбор на еден тим од Формула 1, непосредно пред почетокот на трката на која ветеранот Сони Хејс (Бред Пит) се враќа во Ф1 за да му помогне на својот поранешен партнер Рубен (Хавиер Бардем) и на неговиот талентиран, но неискусен возач Џошуа (Демсон Идрис) да ја освојат својата прва победа.
Станува збор не само за духовита реплика, туку и за директна референција на исклучително популарната нетфликс-серија „Вози да преживееш“, без која овој филм веројатно и не би постоел. Серијата се појави на „Нетфликс“ за време на пандемијата, кога многу спортови беа ставени „на пауза“, а стриминг-платформите се мачеа со недостиг на содржина. Брзо стана еден од најгледаните наслови и го врати интересот за Формула 1.
Враќање на стариот дух
Оригиналниот формат и феноменалното раскажување на приказната ѝ овозможија на публиката, дури и на оние без многу познавање од Формула 1, да ѝ пристапат од поинаков агол. Наместо повторување на приказните за Хамилтон и Верстапен, серијата го насочи фокусот и кон борбата на малите тимови да преживеат финансиски, како и кон внатрешните ривалства меѓу возачите во еден ист тим, што се често пожестоки од оние меѓу различни тимови.
Спортот, кој доживеа пад во приходи, гледаност и популарност, одеднаш повторно стана атрактивен, особено во САД, каде што интересот експлодира. Цените на ТВ-правата скокнаа преку ноќ, а најголем дел од новите маркетиншки партнери дојдоа токму од Америка, која дотогаш беше релативно рамнодушна кон Ф1.
Како логичен резултат на новопронајдената американска љубов кон Формула 1, се роди и идејата за скапоцена спортска продукција посветена на Ф1. Холивуд веќе има неколку филмови на оваа тема, но никогаш со ваков буџет. „Епл“, кој стои зад проектот, официјално пријави буџет од 200 милиони долари, додека неофицијалните бројки зборуваат за речиси 300 милиони.
Приказната, во основа, не е нова. Ветеран со трауми од младоста кој живее ден за ден и се трка за малку пари и лична страст, добива повик да му се приклучи на најслабиот тим во Формула 1 за да му помогне на стариот пријател да не го изгуби тимот. Иако е шаблонски, филмот не изгледа како клише. Напротив, дава некое „олдскул“ чувство.
Еден од продуцентите е Џери Брукхајмер, па не е тешко да се препознае стилот што потсетува на 80-тите и 90-тите, времето кога тој беше ненадминлив со хитови како „Полицаец во Беверли Хилс“, „Лоши момци“ и „Топ ган“.
Брукхајмер не запира ни во новиот милениум со серии како „Истрага на местото на злосторството: Мајами“, „Истрага на местото на злосторството: Њујорк“, „Луцифер“, како и „Топ ган: Маверик“, а сега и со Ф1, се покажа како една од најзначајните фигури во историјата на Холивуд.
Интелигентна забава
Иако неговиот печат е очигледен, за филмот да не биде само романтизација на моќни болиди и тестостерон, се погрижија сценаристот Ерен Кругер („Топ ган: Маверик“) и режисерот Џозеф Косински. Тандемот кој веќе еднаш „го спаси Холивуд“ по пандемијата со „Топ ган: Маверик“, повторно испорачува паметна и добро спакувана забава.
Она што го одвојува Ф1 од стереотипите е што, иако вози на работ на жанровски клишеа, постојано наоѓа начин да ги заобиколи. Тоа е видливо уште во воведната сцена во која Бред Пит се буди во хаос во приколка, изгледа мамурно, но успева да облече тркачки костим, да испие кафе и да влезе во болидот и да победи.
Иако користат познати мотиви и ликови, Кругер и Косински внесуваат доволно свежина во дијалозите, заплетите и пресвртите. Главниот лик, кој талка од трка до трка, не е глупав херој што ја удира главата во ѕид, туку човек кој знае кога да го потисне егото и да игра за тимот.
И режисерскиот тим добива дополнителен предизвик. Во последната деценија има неколку навистина добри филмови за автомобилизам, но Косински и директорот на фотографија Клаудио Мирандо развија минијатурни камери уште помали од тие во „Топ ган: Маверик“, кои овозможија снимање од внатрешноста на болидите.
Луис Хамилтон, како продуцент, обезбеди снимање на вистински патеки и со модифицирани болиди од Формула 2, доволно реалистични за публиката. Дури и познати ликови како Алонсо, Верстапен и Тото Волф имаат улоги како статисти.
Бред Пит - срцето на филмот
Резултатот е импресивен. Трките се маестрално режирани, напнати и возбудливи, без повторување на исти кадри, и притоа лесни за следење. Аудиодизајнот е исто така одличен, па не би зачудило ако следи и оскаровска номинација.
- Имаме ли болид? - прашува еден член од тимот во последната трка.
- Имаме возач - одговара Бардем.
И навистина, колку и да се добри продукцијата, сценариото и режијата, без добар „возач“ нема победа. За среќа, Бред Пит, иако во поодминати години, совршено го носи филмот. Можеби никогаш повеќе нема да биде толку „кул“ како во „Си беше еднаш во Холивуд“, но и ова е сосема доволно.
Шармантен е и настапот на Бардем, солиден е и Идрис, но најмногу се истакнува Кери Кондон, која го игра ликот на главен инженер, самосвесен и комплексен женски лик, далеку од обичен љубовен интерес.
Сè на сè, може да се каже дека го добивме најзабавниот и најинтересен филм за летната сезона.
Фото: Screenshot/YouTube